ПочетнаКатегорија

Uncategorized @mk

Денес, 8 март 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година. Сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите. Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент. Значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70 %, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85 %, а кај фирмите се наплатува по 78 % од пресметаниот данок. Во анализираните три години, односно 2017, 2018 и 2019 година постои зголемување на износот на наплатен данок на имот. Сепак, за разлика од 2018 година кога порастот во однос на претходната година бил 12,5 %, во следната 2019 порастот бил само 2,5 %. Најголеми приходи од данок на имот има скопската Општина Центар, по околу 2,3 милиони евра годишно, а најмали, односно беа приходи по оваа основа е Општина Арачиново која не ни наплатува ваков данок, бидејќи нема база на податоци на даночни обврзници, ниту има формирано даночно одделение, поради што и не издава даночни решенија. Само десетте градски скопски општини прибираат половина од цел данок на имот што се прибира на ниво на држава. Најуспешни во наплатата на овој данок се Росоман и Ресен, најмалку успешни, Студеничани и Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на...

Денес, 18 февруари 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на трошоците за зимско одржување на патиштата за сезоната 2020/21. За ангажирање на механизација, работници, сол и чакал за чистење и за прскање на улиците во зимски услови, оваа сезона ќе се потрошат 538 милиони денари, односно 8,7 милиони евра. Тендери за оваа намена имале 41 општина и Градот Скопје, 6 локални јавни претпријатија и државното јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонијапат. Само ова претпријатие има склучено договори за јавни набавки за зимско одржување оваа сезона во вредност од 5,7 милиони евра што е две третини од сите пари што ќе се потрошат за оваа намена. Градот Скопје сам зимскава сезона планира да потроши 700 илјади евра за чистење на снегот и прскање на улиците, додека заедно со уште осум други скопски градски општини ќе бидат потрошени околу 1,4 милиони евра за зимско одржување на улиците. Од другите општини од земјава, најголема вредност за ова ќе потрошат Битола, Прилеп и Куманово. Најголем поединечен тендер има склучено Македонијапат со Димакс рудници Сопотница, од речиси седум милиони евра за двогодишно снабдување со сол за патиштата. Набавени се 59.555 тони индустриска сол, по цена од 116 евра по тон, за двегодишно прскање на патиштата. Покрај оваа фирма, која вкупно има 4 тендери во вредност од 7,5 милиони евра, меѓу фирмите со највредни договори се и Ган-Логистик од Тетово со 1,2 милиони евра и скопски Аполо Инженеринг со 1 милион евра.

Денес, 28 јануари 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на трошоците за новогодишно украсување на општините низ земјава и купените новогодишни пакетчиња за децата. За украсување на Градот Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е сепак за 40 % помалку од лани. Од украсување за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната година. 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за новата 2021 година. За разлика од дочекот на ланската година кога тендери за украсување имале Градот Скопје и седум скопски општини, за дочекот на оваа година тендери имале Градот Скопје и уште три други скопски општини: Карпош, Гази Баба, Аеродром, но и Градскиот трговски центар. Украсувањето на Скопје и скопските општини вкупно чинело 298 илјади евра, што е три четвртини од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава. И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување добиле две скопски фирми - Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел, а на половина од тендерите имало само по една понуда. Новогодишни пакетчиња за 2021 година купиле 56 институции. 14 од нив спровеле тендер, а другите 42 купиле пакетчиња во вредност под илјада евра за што не се спроведува тендер. Цените на едно новогодишно пакетче се движат од 150 до 1.249 денари.

Работењето на државните претпријатија низ призмата на финансиските индикатори 2015-2019 година Денеска (15.01.2021) Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави анализата Финансиска анализа на работењето на државните претпријатија 2015-2019 година и базата на податоци која овозможува преземање на завршните сметки на претпријатијата. Дел од наодите од анализата се: 30 најголеми претпријатија основани од државата и од локалната самоуправа, за периодот 2019 – 2015 година, остварените вкупни приходи ги зголемиле за само 2 %. Просечната стапка на профитабилност за анализираните 5 години изнесува скромни 6 %, а за 2019 година профитабилноста покажува извесно подобрување (6,5 %). Средствата што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профит би ги обновиле за 38 години, а вложениот и заработен капитал би го вратиле за 32 години. Во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години. Наплатата на побарувањата на анализираните компании претставува слаба алка на работењето и изнесува 253 дена за 5-те години, односно 205 дена за 2019 година. Обврските ги плаќаат во уште подолги рокови, за 484 дена просечно, односно 365 дена за 2019 година. Вообичаено во бизнисот, компаниите што плаќаат со олку долги рокови се избегнуваат или им се даваат значително повисоки цени од пазарните. Вкупните долгови на анализираните претпријатија се малку повисоки од нивниот капитал и резерви, додека степенот на самофинансирање е во зоната на безбедност (88 % во просек за 5 години, односно 91 % за 2019 година). Анализираните претпријатија успеваат да работат позитивно, покривајќи ги вкупните расходи во целост и остварувајќи вишок на приходи од 4 % (за 2019...

Општинските советници чинат 3,5 милиони евра годишно Денес, 13 јануари 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините. Вкупната годишна сума што им се исплатува на 1319-те советници и претседатели на совети изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра. Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 % повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница. Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот. Од другите општини, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од 5 илјади денари месечно. Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит. Најмногу седници годишно одржува Град Скопје, лани дури 27, а најмалку 6 одржале во Центар Жупа. Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно.

Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост 2020

Стандардите врз основа на кои е направена оценката на транспарентноста и отчетноста на претпријатијата во државна сопственост се утврдени преку анализа на релевантната законска регулатива и на меѓународните стандарди. Оттука, доминантен дел од избраните стандарди се законски обврзувачки за претпријатијата, а помал дел се стандарди што се сметаат за добра практика. Предмет на оценка и рангирање се 30 најголеми претпријатија во државна сопственост чии приходи во 2019 година изнесуваа 732 милиони евра. На крајот од 2019 година во овие анализираните претпријатија работеле вкупно 22.140 работници.

Јавните набавки за време на корона во Северна Македонија: Како беше и што може да се прави во иднина?

Центарот за граѓански комуникации започна да спроведува ад хок мониторинг на итните јавни набавки поврзани со коронавирусот уште од почетокот на кризата во март 2020 година, објавувајќи редовни извештаи со наоди и препораки. По трите извештаи од ад-хок мониторингот на јавните набавки поврзани со КОВИД-19 и сумарниот извештај од мониторингот, во ноември 2020 година е изработен овој документ за јавни политики насловен како: насловен како: „Јавните набавки за време на корона во Северна Македонија: Како беше и што може да се прави во иднина?“ кој ги опфаќа набавките поврзани со КОВИД-19, владините политики во врска со овие набавки, како и препораки за мерки што треба да се преземат во иднина како резултат на случувањата во кризната 2020 година.

Анализа на остварувањето на пристапот до информации според новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

Уште од првиот ден на спроведувањето на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, Центарот за граѓански комуникации започна мониторинг на спроведувањето на законот врз основа на барањата за пристап што ги испраќа до институциите за добивање информации за разните истражувања што ги спроведува. Во периодот од 1 декември 2019 година до 31 мај 2020 година, односно во првите шест месеци од спроведувањето на новиот закон, Центарот за граѓански комуникации испрати вкупно 460 барања за слободен пристап до институциите. Анализата за спроведувањето на новиот закон е направена врз основа на одговорите на овие барања и односот на институциите кон нив. Анализата се осврнува и на ефектите што ги имаше кризата со КОВИД-19 врз остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Денес, 6 октомври 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините“. (Истражувањето на албански јазик е достапно овде). Ризиците од корупција се мапирани врз основа на длабочински мониторинг на тендерите на 37 акционерски друштва и претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга. Во 2019 година, овие претпријатија склучиле договори за јавни набавки во вредност од 247 милиони евра, што е 27 % од вкупните јавни набавки на земјата. Клучни наоди од анализата: Констатирани се ризици од корупција кои се манифестираат преку чести и значајни измени на плановите за јавни набавки, како и преку ниската реализација на плановите. Кај 16 од 37 претпријатија, реализацијата на плановите за јавни набавки е пониска од 50 %. Највиско ниво на реализација на планот имало АД МИА со 96 %, а најниско АД Водостопанство од само 1 %. Концентрацијата на една фирма во јавните набавки на одредена институција, како еден од најрелевантните индикатори за постоење на ризик од корупција, е проблем којшто е евидентиран кај голем дел од анализираните претпријатија и акционерски друштва. Кај речиси една третина од нив, концентрацијата на набавките кај една фирма е поголема од 40 %. Според вредноста на договорите најголем удел на една фирма има кај АД Електрани, а според процентуално учество во АД Водостопанство. Третина од таргетираните претпријатија ја применувале нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Високи удели на овие набавки во вкупната вредност на набавките се евидентирани...

Денеска, 30 септември 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на договорите за јавни набавки поврзани со коронавирусот преку итната постапка со преговарање без објавување оглас. Главните наоди од истражувањето покажуваат дека: ▪          6,7 милиони евра е вредноста на договорите за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата. ▪          Една третина од вредноста на овие договори отпаѓа на Министерство за внатрешни работи-МВР, кое со 2,2 милиони евра води според износот на склучените договори. ▪          43 % од вредноста на сите тендери им припаднала само на пет фирми, иако вкупно 186 фирми добиле тендер поврзан со коронавирусот. ▪          За 68 % од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. ▪          На секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач. ▪          Постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици. ▪          Дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите. Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

Најголемо зголемување на вработените во полицијата, а најголемо намалување во одбраната Денеска, 23 септември 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на вработувањата во министерствата и општините во последните три години по сите основи – редовен работен однос, привремени вработувања и ангажирање на договор на дело. Истражувањето покажува дека од 2017 до 2020 година, вкупниот број на вработени во министерствата пораснал за 3 проценти (односно за 540 луѓе), а во општините за 2 проценти (односно за 154 луѓе). Најголем скок на бројот на нововработени има во полицијата (за 570 луѓе), а најголем пад во одбраната (168 помалку). Кај општините, пак, најголемо зголемување на вработените има во Бутел (за 122 луѓе), а најголемо намалување во Карпош (за 124 луѓе). Министерствата и Владата бележат зголемување на вработувањата по сите основи. Сепак, бројот на привремено вработени луѓе во министерствата и Владата скокнал дури за 337 проценти за последните три години, односно од 62 на 271. Кај општините, пак, има зголемување на редовните и привремените вработувања, но намалување на бројот на ангажирани луѓе на договор на дело за 31 процент, односно од 620 на 428 луѓе. Инаку, од министерствата, најмногу вработени и ангажирани, односно 12.263 луѓе има во МВР, а од општините најмногу луѓе – 747 работат во Град Скопје.

Денес, 2 септември 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на набавените нови патнички возила од државните институции во 2018, 2019 и 2020 година. Истражувањето открива дека во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра. Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „Пасати“ по 39 илјади евра секој. Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра. Меѓу марките возила убедливо водат „Шкода“ и „Фолксваген“ од кои се купени 100, односно 88 нови возила, односно скоро половина од сите новонабавени возила се од овие две марки. Кај „Фолксваген“ води моделот „Пасат“ со 53 возила, додека половина од набавените возила од марката „Шкода“ се од моделот “Октавија“. Од фирмите, најголема вредност на договорите имаат „Порше лизинг“ со 3 милиони евра, кумановската „Делукс-ауто“ со 1,2 милиони евра, „Еуроимпекс“ со 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра. Конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и да не постоела. Дури на 71% од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава. Ова го отвора сомнежот дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале. Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД...

НАЈНИСКАТА ЦЕНА И НАТАМУ ПРОБЛЕМ БРОЈ 1 ЗА ФИРМИТЕ; 48 % СМЕТААТ ДЕКА ИМА КОРУПЦИЈА ВО НАБАВКИТЕ Денес, 5 август 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2020 година, како и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите. Клучните наоди од мониторингот вклучуваат: -Честите поништувања на тендерите, причините за поништувањето и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите. -Транспарентноста на јавните набавки не е на предвиденото ниво во согласност со новиот Закон за јавните набавки. Во повеќе од четвртина од мониторираните постапки на централно ниво (27,5 %), евидентирано е непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери. -Најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97 % од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94 % од тендерите. Ваквото постапување на институциите не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата. -Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21 %. -За дури три четвртини од фирмите ‘најниската цена’ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Задоцнетото плаќање повторно избива како голем проблем за фирмите, кои просечно чекаат...

ОПШТИНСКИТЕ ТЕНДЕРИ ВО 2019 ГОДИНА СКОКНАА ЗА ЕДНА ТРЕТИНА Денес, 23 јуни 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2019 година според која 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3 686 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 130 милиони евра. Споредено со претходната година, вредноста на јавните набавки во 2019 година бележи пораст од 33 милиони евра односно 33,8 %. Скок во вредноста на тендерите има кај Градот Скопје и 58  општини, додека намалување има кај 22 општини. Најголем вредносен пораст има кај Градот Скопје (7 милиони евра), Тетово (3,7 милиони евра) и Битола (2,8 милиони евра). Најголеми падови во апсолутни износи има кај Гази Баба, Куманово и Струга. Во релативна смисла, најголеми скокови и падови во вредноста на тендерите во 2019 година се забележани кај помалите општини и тоа скокови кај Ранковце (+409 %), Кривогаштани (+377 %) и Македонски Брод (+366 %), а падови кај Арачиново (-96 %), Сопиште (-92 %) и Пласница (-80 %). Лидерската позиција според вредноста на тендерите на локално ниво Градот Скопје ја зацврсти со тоа што лани склучи 247 договори во вредност од околу 21 милион евра што е за 47 % повеќе од претходната година. За разлика од Градот Скопје, кај скопските општини има доминантно негативен тренд. Раст има само кај општините Аеродром, Сарај и Шуто Оризари, додека кај останатите седум скопски општини вредноста на договорите за јавни набавки е намалена и тоа од 5,6 % во Ѓорче Петров до...

МИНИМАЛНО ПОДОБРУВАЊЕ НА АКТИВНАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО 2020 ГОДИНА                           Денес, 19 јуни 2020 година, Центарот за граѓански комуникации го објави рангирањето на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер изработен во март 2020 година, во кое се вклучени сите министерства, Владата и општините. Индексот ги покажува следниве клучни аспекти: - Активната транспарентност на сите 98 вклучени институции (министерствата, Владата и општините) за 2020 година изнесува 58,2 % (од максимално можни 100 %) и според градацијата на нивоата, спаѓа во ’просечна‘ активна транспарентност. Активната транспарентност во 2020 година е подобрена само за минимални 2,2 процентни поени во однос на лани, кога изнесуваше 56 %. - Кај министерствата, по три години континуиран пораст, во 2020 година се забележува стагнација и дури и мало намалување на активната транспарентност. Таа годинава изнесува 77,1 %, за разлика од ланските 77,6 %. - Сепак, активната транспарентност на министерствата сè уште е значително подобра од онаа на општините, која изнесува 54,5 % и по неколкугодишното намалување бележи пораст втора година по ред. - За првпат во последните пет години откако се изработува овој индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата. Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана (97,9 %), следено дури од осум општини, меѓу кои прва е Велес (94,4 %) - Во однос на регионите, нема промена од лани. На прво место е Источниот Регион (68,3 %), додека на последно останува Скопскиот Регион (44,4 %)....

Извештај бр.3 од мониторингот на итните јавни набавки поврзани со коронавирусот

Ова е трет извештај на Центарот за граѓански комуникации за итните јавни набавки поврзани со заштита од новиот корона вирус, заедно со базите на податоци на сите склучени договори и одлуките за избор на најповолна понуда. Главните наоди за овој мониторинг период вклучуваат: - Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договори. - Дури 71 % од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми. - Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче. - За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. - Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач. - Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици. За поцелосен увид на јавноста во набавките поврзани со КОВИД-19, брифовите се проследени и со објавување преглед на договорите и одлуките за избор во отворен формат на веб-платформата на Центарот за граѓански комуникации, www.opendata.mk. --------------------------------------------------------- Линкови до првиот извештај објавен на 06.04.2020 година: Бриф број 1 и до базата на податоци на 06.04.2020 година: База на договори и одлуки за избор до 06.06.2020 Линкови до вториот извештај...

Бриф бр. 2 за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот COVID-19 (22.04.2020)

Ова е втор бриф на Центарот за граѓански комуникации за итните јавни набавки поврзани со заштита од новиот корона вирус, заедно со базите на податоци на сите склучени договори и одлуките за избор на најповолна понуда. Истовремено со избивањето и раширувањето на кризата со коронавирусот, се наметна и потребата од итни набавки на стоки, услуги и работи за заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Поради ова, јавните набавки на овие средства, наместо по редовните, се спроведуваат по скратени и забрзани процедури, имајќи ја предвид итноста во обезбедување на потребните средства за заштита и лекување. Брзањето и фокусот врз другите работи, како здравјето и животите на луѓето, ги зголемуваат и ризиците од случајни и намерни грешки и злоупотреби и на двете страни – и кај тие што набавуваат, и кај тие што продаваат. Поради ова, сè побројни се повиците од домашните и од меѓународните институции за зголемена транспарентност, отчетност и одговорност на властите при итните набавки поврзани со коронавирусот, како и за зголемен мониторинг и контрола од страна на државните органи и граѓанскиот сектор. Ова особено се однесува на земјите како нашата, која има и онака ограничени ресурси и е важно секој денар јавни пари да биде потрошен целосно наменски, целисходно и рационално. Оттука, Центарот за граѓански комуникации, којшто повеќе од една деценија ги следи јавните набавки во земјава, започна со мониторинг и на итните набавки поврзани со коронавирусот за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел заштита на јавните пари...

Бриф за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот COVID-19

Овој бриф се однесува на итните јавни набавки поврзани со заштита од новиот корона вирус, заедно со базите на податоци на склучените договори и на одлуките за избор на најповолна понуда. Состојбата со новиот корона вирус Covid-19 и прогласената вонредна состојба во земјава наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки. Центарот за граѓански комуникации ги следи итните набавки поврзани со новиот коронавирус за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел рационално искористување на ограничените јавни ресурси во земјава. Овој бриф е прв од планираната серија извештаи кои ќе се објавуваат периодично. Брифот и базите на податоци во отворен формат можете да ги најдете на следниот линк: http://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/92?Category=2

Имајќи ја предвид новонастаната состојба со новиот коронавирус Covid-19 и прогласената вонредна состојба во земјава, се укажува потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од новиот коронавирус Covid-19. Со оглед на сериозноста на ситуацијата и прогласената вонредна состојба во земјата, а согласно членот 55 став (1) г од Законот за јавните набавки (Сл. весник на РМ 24/19), овие набавки се спроведуваат според постапката со преговарање без објавување оглас. Исто така, иако за набавките што се спроведуваат со постапката со преговарање без објавување оглас треба да се добие претходно мислење од Бирото за јавни набавки, овие набавки можат да се спроведуваат директно, без претходно обезбедено такво мислење од Бирото за јавни набавки. Поради сево ова, а имајќи предвид дека постапката со преговарање без оглас и онака е најмалку транспарентна постапка, а во тие рамки итните набавки со себе носат уште поголем ризик од корупција поради брзината со која се спроведуваат и фокусот на јавноста на други прашања, уште повеќе се наметнува потребата од засилен мониторинг на спроведувањето на овие набавки. Ова уште повеќе поради и онака ограничените ресурси во земјава, како и потребата секој денар јавни пари да биде искористен на најрационален можен начин. Поради сево ова Центарот за граѓански комуникации спроведува вонреден „мониторинг и истражување на итните јавни набавки поврзани со коронавирусот“ бидејќи особено е важно во вакви услови секој денар јавни пари да биде наменски и рационално поврзан, а во услови на брзање и криза се зголемува ризикот од можни грешки...

ИМАМЕ 536 ПОЖАРНИКАРИ ПОМАЛКУ ОД ЗАКОНСКИ ПОТРЕБНИТЕ Денеска, 17 февруари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци за бројот на пожарникари и за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава заклучно со 31 декември 2019 година. Истражувањето открива дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на Скопје. Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари. Кога станува збор за возилата, противпожарните единици располагаат вкупно со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години и 68 % од нив се од минатиот век. За споредба, според истражувањето од пред точно една година, бројот на возила изнесуваше 220, просечно стари 27 години. Исто така, последното истражување на возилата на министерствата и општините покажа дека нивната старост, пак, е 12,5 години.

Во Брифот за медиумите е даден краток осврт на јавните набавки во Северна Македонија во 2019 година, како и осврт и споредба со набавките на земјите од регионот на Западниот Балкан.

Денеска, 15 јануари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2020 година. Базата на податоци открива дека Новата 2020 година украсено ја дочекаа Градот Скопје и 20 општини и за тоа се потрошени 675 илјади евра. Споредено со претходната година намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите. Дури 91 % од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршуваат кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Ват-Ел.

СТАРИТЕ НАВКИ – ПОСИЛНИ ОД НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ Денес, 30 декември 2019 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2019 година, каде се констатирани следниве клучни наоди: -Старите навики се посилни од новиот Закон за јавните набавки. ’Најниската ценаʻ и електронската аукција остануваат неприкосновени и во првите месеци од примената на Законот. -Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2019 година е влошена во однос на претходните две години. Просечниот број понуди на мониторираниот примерок изнесува само 2,74, а во дури 35 % од мониторираните тендери е добиена само една понуда. -Институциите најчесто не ја наведуваат проценетата вредност на тендерот во огласите за јавни набавки, што е во согласност со новините на Законот. Но, постојат многу  случаи во кои понудените цени се симптоматично блиску до проценетата вредност, која понудувачите инаку не можеле да ја видат во тендерската документација. -Секој четврти тендер (25,8 %) е целосно или делумно поништен. Покрај вообичаените законски основи за поништување, додадена е и можноста тендерот да се поништи според инструкција од Бирото за јавни набавки, а по спроведена управна контрола. -Во првото полугодие од 2019 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас, склучени се договори во вредност од 9,6 милиони евра, што е за 11 % помалку од истиот период лани.

По критиките што доаѓаа од сите засегнати страни – стариот и нефункционален Закон за јавните набавки, што се применуваше од 2008 година и којшто многупати беше менуван и дополнуван – конечно беше заменет со целосно нов Закон, којшто беше донесен во јануари 2019 година, а почна да се применува од 1 април 2019 година. Со новиот Закон за јавните набавки, освен хармонизацијата со Директивата на ЕУ за јавните набавки од 2014 година, се направи обид и за „поправање“ на низата проблеми во системот на јавни набавки на Северна Македонија. Главно, се сменија двата проблеми кои беа посочувани од сите вклучени страни како најголеми во стариот закон, а тоа се најниската цена како единствен критериум за доделување на тендерите и задолжителната електронска аукција. Покрај најниската цена, се воведоа и други елементи за избор, а е-аукцијата стана опционална, со идеја да се користи онаму каде што има стандарден и воедначен квалитет и е логично изборот да се прави врз основа на цената. Со новиот Закон се воведе и т.н. управна контрола што ја спроведува Бирото за јавни набавки, и тоа задолжително на тендерите над 500.000 евра за стоки и услуги и на оние над 2.000.000 евра за работи; врз основа на проценка на ризици и по случаен избор на тендери. Генерално, со новиот Закон се либерализираа јавните набавки и се воведоа нови можности за договорните органи да го набават тоа што навистина им треба, добивајќи притоа најдобра вредност за потрошените пари. И со Законот, но и претходно, се воведоа низа мерки за зголемување на транспарентноста во...

Документ за јавни политики

Честото поништување на тендерите како еден од најголемите проблеми во јавните набавки Честото поништување на тендерите е еден од најголемите и најдолготрајните проблеми во системот на јавни набавки во земјава. Фактот дека се поништува секој четврти тендер ја става земјата на светскиот врв по уште еден, неславен, феномен во јавните набавки. Проблемот со масовното поништување на тендерите не стивна со ниту една од неколкуте преземени мерки, и во минатото и сега – со новиот Закон за јавните набавки, каде што се намалија законските основи за поништување на еден тендер. Ова покажува дека институциите многу лесно и секојдневно посегнуваат по поништување на тендерите кога нешто нема да излезе како што тие сакаат, бидејќи од анализите не може да се сфати дека при поништувањето биле водени од идејата да го бранат јавниот интерес во постапките за јавни набавки. Поништувањето на тендерите ги одложува набавките на потребните стоки, работи и услуги; создава дополнителни трошоци за повторување на постапката; ја зголемува економската и правната неизвесност кај фирмите и ја поткопува довербата во јавните набавки поради верувањето дека тендерот се поништува бидејќи не може да се намести.

Документ за јавни политики

Транспарентноста не е доволна за подобрување на состојбата во јавните набавки Објавувањето повеќе информации и документи во врска со тендерите во последните неколку години придонесе кон зголемена транспарентност на системот на јавни набавки во земјава, но овој тренд не беше проследен и со унапредување на интегритетот и отчетноста на институциите при спроведување на тендеритe. Оттука, неопходно е на спроведувањето на јавните набавки во земјава да му се посвети многу поголемо од сегашното внимание; суштински да се унапредат капацитетите на оние што ги спроведуваат тендерите; да му се овозможи на Бирото за јавни набавки (БЈН) да ги врши зголемените надлежности, особено во поглед на контролата при спроведувањето на тендерите и да се продолжи со трендот на преземање мерки за натамошно унапредување на транспарентноста и отвореноста на јавните набавки, со истовремен фокус врз подобрувањe.

Бриф за јавни политики:

Користење на обемни бази на податоци како алатки во борбата против копрупцијата Овој документ за јавни политики го претставува концептот на користење на обемните бази на податоци во антикорупцијата, начинот на негова примена, добрите страни и предизвиците, со посебен осврт на состојбата во Република Северна Македонија, почетните чекори, примената, како и препораки за забрзување на користењето на  оваа алатка во борбата против корупцијата.

Транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки

Истражување, рангирање и анализа на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на институциите во Македонија при спроведување на јавните набавки за 2018 година. Целото истражување можете да го преземете овде.

Сите општински тендери за 2018 година: Град Скопје троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно Денес, 26 септември 2019 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2018 година чија вредност изнесува 97 милиони евра што е 17 милиони евра, односно за 21% повеќе од 2017 година. Базата содржи податоци за сите 3898 договори за јавни набавки што локалните власти ги склучиле со 1331 фирма. На врвот според договорите за јавни набавки останува Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42%, односно за 4,2 милиони евра. Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра. Град Скопје, како најголема единица на локалната самоуправа троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно, а 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини. Фабрика Карпош од Скопје му го презеде приматот на Пуцко Петрол според вредноста на добиените тендери од општините во 2018 година. Во топ-трите фирми влезе и Пелагонија од Гостивар, а Бауер БГ го сочува местото во врвот кое го има со години наназад. И во 2018 година има висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините. Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни...