Две моќни институции, Светската банка и Обединетите нации го искористија Меѓународниот антикорупциски ден, 9 декември, да испратат многу моќни пораки за засилување на глобалната борба против корупцијата.Светската банка повика на создавање глобална алијанса за полесно следење на поголемите случаи на корупција, особено на оние кон кои посочувала оваа институција. Банката им изрече забрани на повеќе од 100 фирми и поединци поради измама и корупција и ги отстрани од учества на тендери за договори финансирани со парите на банката. Најпродуктивниот од овие случаи беше оној против германскиот индустриски конгломерат „Сименс“, во јули минатата година. Светската банка го стави „Сименс“ на црната листа на развојните проекти финансирани од неа во рок од две години, а „Сименс“ се согласи да плати 100 милиони долари во период од 15 години, како поддршка на глобалните напори за спречување на измамата и корупцијата.Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун изјави дека корупцијата претставува закана за развојот, за демократијата и за стабилноста. Според него, корупцијата ги нарушува пазарите, го спречува економскиот раст и ги обесхрабрува странските инвестиции. Ги поткопува јавните услуги и довербата во службените лица. Освен тоа, придонесува кон оштетување на животната средина и го загрозува јавното здравје, овозможувајќи нелегално фрлање опасен отпад, како и производство и дистрибуција на фалсификувани лекови.На Балканот, пак, во тек е еден од најголемите корупциски скандали – приведувањето на довчерашниот хрватски премиер, Санадер. Во овој број ја објавуваме анализата на оваа тема од хрватскиот новинар Горан Јунгвирт, кој наведува дека пред воопшто да стане збор за судење, некои експерти веќе го прогласија поранешниот премиер за виновен...