Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки го одбележа денеска во Куманово проширувањето на услугите на центарот во Велес во североисточниот регион. Персоналот на проектот ги претстави услугите што сега ќе бидат достапни за микропретпријатијата во регионот, зборуваше за влијанието што проектот го имаше врз микропретпријатијата од вардарскиот и од источниот регион и ги охрабри присутните претставници на микропретпријатијата да се вклучат во проектот. „Микропретпријатијата се признати во целиот свет како важни елементи на националните економии кои придонесуваат значително кон зголемување на вработувањето и намалување на сиромаштијата“, рече директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стаин. „Иако пазарот на јавни набавки се проценува на околу 1,2 милијарди долари годишно, микропретпријатијата традиционално не учествуваат во него. Ние сакаме да го промениме тоа“. Со проширувањето на услугите во североисточниот и во југоисточниот регион, проектот на УСАИД ќе нуди обука, секојдневна техничка помош, како и информации за 300 микропретпријатија од 35 општини. Покрај тоа, на повеќе од 300 локални договорни органи ќе им предлага конкретни мерки за намалување на тековните административни оптоварувања и други пречки со кои се соочуваат микропретпријатијата.