Продолжен рокот за Повикот за истражувачки стории за новинари од локални медиуми до 5.3.2023 год.

Скопје, 2 февруари 2023 година | Центарот за граѓански комуникации објавува повик за истражувачки стории во рамките на проектот „Заштита од корупција“ што се спроведува со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.
февруари 2, 20232603

Во рамките на овој повик 8 (осум) новинари од локални медиуми од општините Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип ќе бидат избрани да работат на истражувачки стории кои треба да бидат насочени кон  прашањата поврзани со транспарентноста, отчетноста и интегритетот на локалните власти, како и на проблемите предизвикани од корупцијата. Областите за истражување може да бидат – јавните набавки, доделувањето на градежни дозволи, продажбата на градежно земјиште, користењето на спортските објекти, доделувањето средства од буџетот на општините, работењето на локалните јавни претпријатија итн.

Преку поддршката на истражувачките стории ќе се даде придонес кон остварувањето на целта на проектот „Заштита од корупција“, а тоа е намалување на корупцијата и злоупотребите на јавните средства на локалната самоуправа преку зголемување на транспарентноста, отчетноста и интегритет на локалните институции и имплементација на мерките предвидени во Националната стратегија за превенција на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 година.

Заинтересираните новинари треба да развијат и разработат предлог за истражувачка сторија во дадената Апликација за истражувачка сторија, што  може да се симне ТУКА.  Во прилог на Апликација за истражувачка сторија треба да се достави и куса биографија на новинарот.

Кандидатите можат да се пријават со повеќе предлози за истражувачки стории, но на еден кандидат може да му биде прифатен само еден предлог.

Право на пријавување на конкурсот имаат сите новинари од локалните медиуми во општините Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово,Чаир и Штип без разлика дали се вработени во медиумот.

Осумте најдобри предлози за истражувачки стории ќе бидат наградени со бруто износ од по 30.800 денари.

Рокот за спроведување на истражувањето и за објавување на истражувачката сторија изнесува најмногу 2 месеци од изборот на најдобрите предлози.

Од кандидатот се очекува посветеност на истражувањето и остварување на сите обврски поврзани со истражувањето како што се: придржување до новинарските етички и професионални стандарди,  одржување на постојана комуникација со претставници на ЦГК и објавување на сторијата во локален медиум (во којшто апликантот работи или со којшто соработува).

Новиот краен рок за доставување на апликациите е 5.3.2023 година.

Апликациите треба да се достават на следната адреса: center@ccc.org.mk со напомена: Повик за истражувачки стории во рамки на проектот Заштита од корупција

Проектот „Заштита од корупција“се спроведува со финансиска поддршка од Амабасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.

АПЛИКАЦИЈА