База на податоци на општините за 2020

И ВО КРИЗНАТА 2020 ГОДИНА, ОПШТИНИТЕ ПОТРОШИЛЕ НА ТЕНДЕРИ РЕЧИСИ ИСТО КОЛКУ И ВО ПРЕТХОДНАТА ГОДИНА Денес, 22 јуни 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година според која 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3 454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 129 милиони евра, скоро исто колку и претходната 2019 година. Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина. Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.
јуни 22, 20213980

 

Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно. Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините. По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра.

Кај фирмите, најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките.

Посебно беа истражувани парите што општините ги потрошиле од своите буџети за заштита од корона-вирусот. За оваа намена општините, без Град Скопје потрошиле само околу 600 илјади евра што не е ниту еден промил од нивните буџети.

Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните пет години.

Оваа база на податоци се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано 830 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/