Скопје, 6 април 2016 год. – Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Балканската истражувачка репортерска мрежа и НВО Инфоцентарот започна со спроведувањето на тригодишниот проект, поддржан финансиски Европската унија „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“. Во рамките на проектот ќе бидат создадени јадро на добро обучени истражувачки новинари, како и мрежа од локални граѓански организации од земјата кои преку нивната работа и во соработка со новинарите ќе придонесат кон подобрување на истражувачкото новинарско известување и кон подобро информирана јавност.
Проектните активности треба да ја сменат сегашната состојба во која медиумите во земјата не успеваат да ја играат суштинската ’вочдог’ улога односно да ги откриваат и анализираат прашањата од јавен интерес и да бараат одговорност од носителите на власта. Во услови на влошување на ситуацијата во медиумите во комбинација со недоволен новинарски кадар и ограничени ресурси, постои значителен недостиг на истражувачко известување како една од најмоќните алатки за барање одговорност од властите.
Проектот е насочен кон зголемување на квалитетот и кредибилитетот на истражувачкото новинарство, креирање на бази на отворени податоци од страна на НВО како ресурси за истражувачкото новинарство и за нивните активности. Проектните активности опфаќаат интензивни тренинг-програми за истражувачко новинарство со фокус на доброто владеење; редовно менторирање и подучување на истражувачките новинари; учество на најдобрите истражувачки новинари на регионални конференции и школи за стекнување продлабочени знаења, споделување искуства и вмрежување; јавни дебати за улогата на истражувачкото новинарство; доделување грантови, обуки и менторирање на локални граѓански организации во подготовка на бази на отворени податоци за важни општествени прашања на локално ниво и воспоставување на јадро на граѓански организации и новинари кои ќе се залагаат за поголема транспарентност, отчетност и одговорност на властите.
Вкупниот буџет на проектот е 294.812 евра, од кои ЕУ учествува со 265.331 евра.