Конкуренцијата на тендерите останува ниска

СКОПЈЕ, 10 декември 2015 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа првото полугодие од 2015 година. Некои од клучните наоди од мониторингот на постапките за јавни набавки се: Ниското ниво на конкуренција, со што се доведува во прашање ефективноста во трошењето на јавните пари, останува обележје на тендерите и во првата половина од 2015 година. Советот за јавни набавки, основан за да ја зголеми конкуренцијата, досега не даде резултати. До Советот за јавни набавки во првото полугодие од годинава се доставени 10.362 барања за согласност, што ги чинело институциите дури 74,3 милиони денари односно 1,2 милиони евра. Воведената контрола ги дисциплинираше институциите и ги принуди да го намалат користењето на нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Во првото полугодие од 2015 година вредноста на овие договори изнесува околу 11,5 милиони евра и е за 61,4% помала од истиот период лани. Во првото полугодие од 2015 година поништени се 18,5% од огласените тендери. Со ова е забележан благ пад на бројот на поништувања на тендерите во однос на претходните периоди. Во првото полугодие од годинава фирмите доставиле најмал број на жалби во изминатите неколку години. Вкупно до Државна комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН) се доставени 252 жалби што е за дури 23,6% помалку од истиот период лани. Повеќе од половина од жалбите се доставени од фирми кои ги оспоруваат донесените одлуки за избор на најповолна понуда во тендерите. Извештајот од мониторингот е достапен овде. За повеќе...
декември 10, 20156820

 

БЕЛЕШКА ДО УРЕДНИЦИТЕ:

Од 1993 година, американскиот народ преку УСАИД инвестираше во Македонија над 500 милиони долари. УСАИД соработува со народот во Македонија со цел да се отворат работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се зајакне интегрираното образование и студентите да се подготват за пазарот на трудот. Ваквите иницијативи го подобруваат квалитетот на животот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. Повеќе информации на macedonia.usaid.gov или на Фејсбук-страницата www.facebook.com/USAIDMacedonia.