Проектот се спроведува во периодот од 2012 до 2015 година и ги опфаќа 20-те општини од источниот и вардарскиот регион и Струмица, со намера добрите практики да се прошират и на ниво на целата земја.
Во рамките на проектот, на околу 280 микропретпријатија од опфатените региони им се овозможува бесплатна обука и секојдневна асистенција и стручни консултации во сите фази од учеството во постапките за јавни набавки што ги спроведуваат договорните органи од овие региони. Притоа, секое микропретпријатие вклучено во проектот има можност да дојде во еден од двата центра за поддршка (сместени во Штип и во Велес) каде му се нуди конкретна асистенција при учество во постапка за јавна набавка или, пак, на повик од претпријатието мобилните тимови од асистенти одат во просториите на претпријатието и таму му ја даваат потребната помош.