Македонските и бугарските новинари разменија искуства – како до поквалитетно информирање

СКОПЈЕ, 14 март 2013 година – Група македонски новинари, на тридневна студиска посета во Бугарија, се запознаа со практиките и искуствата на нивните бугарски колеги и експерти за поквалитетно информирање на јавноста преку примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Адвокатот во Програмата за пристап до информации во Софија, Александар Кашумов кој им помага на новинарите во остварување на ова нивно право, ги охрабри македонските новинари што повеќе да ги користат сите можности кои им стојат на располагање преку Законот за слободен пристап до информации за да добијат информации од државните институции. Кашумов истакна дека институциите во Бугарија самите објавуваат многу информации до кои новинарите порано доаѓале преку доставување барања за пристап до информации од јавен карактер. Алексенија Димитрова, уредник во најтиражниот весник „24 часа“, која во последните 15 години преку механизмите за пристап до информации од јавен карактер објави ексклузивни и доверливи информации за внатрешната и надворешната политика на Бугарија, ги охрабри македонските новинари да го користат ова право не само за секојдневно информирање, туку и за подлабочински истражувања.
март 14, 20137119

“Иако имам објавено можне суптилни информации за внатрешната и надворешната политика на Бугарија и до сега ниту еднаш не се соочив со притисок или реперкусии за да престанам да истражувам за некоја тема или пак да не ги објававм информациите кои ги имам“, истакна Димитрова пред македонските новинари.

Меѓусебното споделување на искуствата покажа и дека новинарите во Бугарија имаат поголем пристап до детални информации од различни регистри практика со која Македонија не може да се пофали. Оттука, ако во периодот од 2006 до 2009 година годишно имало по околу 26.000 барања за пристап, во последните неколку години има тенденција на намалување. Така, во 2011 година имало 8.800 барања што се должи на фактот што сè повеќе информации и бази на податоци се јавно достапни.

Студиската посета на Бугарија (11-13 март) е реализирана во рамките на проектот „Пристапот до информации – извор за поквалитетно информирање“ финансиран од Европската Унија преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).

Центарот за граѓански комуникации веќе неколку години посветено работи на подигнување на свеста кај новинарите за поголема примена на алатките за истражувачко новинарство, меѓу кои се и механизмите за слободен пристап до информации од јавен карактер. Неодамна, ЦГК објави бриф за јавни политики за поголема примена на ова право од страна на новинарите. Со него се бара и законска измена за скратување на рокот што институциите го имаат за одговор на барањата за пристап до информации од сегашните 30 календарски на 15 работни денови.