Промоција на регионалните центри за поддршка на микропретпријатијата од источниот и од вардарскиот регион

Пред 150 претставници на микропретпријатија, општини и локални институции, на 4 и 6 декември се промовирани регионалните центри за поддршка на микропретпријатијата од источниот регион во Штип и од вардарскиот во Велес. Преку овие регионални центри, на 200 мали и микропретпријатија ќе им се нудат обуки, секојдневна помош и консултации. На договорните органи од 21 општина, пак, ќе им се препорачаат конкретни мерки што треба да ги преземат за намалување на постојните административни и други пречки за поголемо учество на малите и микропретпријатија во јавните набавки.
декември 10, 20126843

„Во услови на економска криза е суштински да се промовираат самовработувањата и развојот на микропретпријатијата за да се одговори на невработеноста, сиромаштијата и исклученоста“, изјави на промоцијата на центарот во Штип шефот на Мисијата на УСАИД Македонија, Роберт Вурц. „Како и да е, микропретпријатијата традиционално не учествуваат на јавните набавки, што е причина зошто сакаме да ја зголемиме нивната свесност и да ги унапредиме нивните способности да се натпреваруваат за оваа голема можност“.

„Поактивно учество на малите и микропретпријатијата во јавните набавки и воопшто во економските текови е многу значајно за натамошен локален економски развој“, изјави на промоцијата во Велес, претседателот на Советот на вардарскиот плански регион и градоначалник на Велес, Горан Петров.

„Отворањето на центарот во Штип ќе придонесе за развој на источниот плански регион кој има огромни потенцијали за живот и за работа“, истакна раководителката на Центарот за развој на источниот плански регион, Драгица Здравева.

Општите услови за учество на претпријатијата во проектот и за нивно квалификување за добивање помош се претпријатието да има производи и услуги кои се барани на огласите за јавни набавки и да има максимум до 10 вработени.

„Ги охрабрувам сите микропретпријатија да ги искористат можностите што ги нуди овој проект и да се стекнат со потребното знаење за да можат почесто и на поодржлива основа да водат бизнис преку јавните набавки“, подвлече на промоцијата во Велес директорот на Канцеларија за економски развој при УСАИД Македонија, Џозеф Лесард.

Центрите ќе работат во рамките на тригодишниот проект на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки чија цел е да го олесни пристапот на малите и на микропретпријатијата до пазарот на јавни набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Од друга страна, на договорните органи проектот треба да им овозможи постигнување пониски цени и повисок квалитет во јавните набавки.

Овие цели ќе се остварат преку следниве задачи:

  • Зголемување на свесноста кај малите и кај микропретпријатијата за можностите што ги нуди пазарот на јавните набавки;
  • Снабдување на малите и на микропретпријатијата со знаење, алатки, способности и капацитети за тендерските постапки и
  • Помош на договорните органи за намалување на административните пречки што го оневозможуваат влезот на микропретпријатијата во јавните набавки.

Проектот го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје во партнерство со „ЕХО“ од Штип и со фондацијата „Фокус“ од Велес.