Најнови резултати од истражувањето на рационалноста во јавните набавки

СКОПЈЕ, 08 ноември 2012 година – Центарот за граѓански комуникации денеска го објавува Индексот на рационалноста бр.7, овој пат изработен за услугата одржување на хигиена и за производите дефибрилатори, јунешко месо без коски, ПВЦ прозорци и работни обувки-кломпи. Според наодите од индексот, рационалноста во трошењето на јавните пари не е приоритет кај значаен број на институции на национално и на локално ниво. Индексот, поконкретно, ги покажа следниве разлики во цените:
ноември 8, 20126755
  • за одржување на хигиена институциите плаќаат од 24 до 66 денари за еден метар квадратен месечно, со што највисоката цена платена за оваа услуга е повисока од најниската евидентирана цена за 175%;
  • дефибрилаторот се купувал по цени од 36.698 до 141.600 денари со што највисоката цена е за 286% повисока од најниската;
  • јунешкото месо без коски институциите го купувале по цени кои се движеле од 341 до 496 денари со што највисоката цена е за 45% повисока од најниската;
  • ПВЦ прозорец по еден метар квадратен се купувал од 2.643 до 5.581 денари со што највисоката цена платена за овој производ е дури 111% повисока од најниската и
  • работните обувки-кломпи се купувале од 750 до 1.938 денари за чифт, со што највисоката цена е за дури 158% повисока од најниската.

Индексот на рационалност се изработува преку споредба на цените по коишто различни институции купуваат исти производи, услуги или работи. Индексот треба да им послужи на државните институции како основа за подобрување на рационалноста при јавните набавки, односно при трошењето на јавните пари.

Извештајот од Индексот на рационалноста е достапен и на www.ccc.org.mk. Повеќе информации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество е 2,5 годишен проект финансиран од УСАИД, во имплементација на Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со: Центар за граѓански комуникации, Младински образовен форум, Реактор – Истражување во акција и Форум – Центар за стратегиски истражувања. Проектот има за цел да им помогне на македонските граѓани да стекнат знаење и моќ за да можат да бараат отчетност од владата.

Од 1993 година, американскиот народ преку УСАИД инвестираше во Македонија над 500 милиони долари. УСАИД соработува со народот во Македонија со цел да се отворат работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се зајакне интегрираното образование и студентите да се подготват за пазарот на труд. Ваквите иницијативи го подобруваат квалитетот на живот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. Повеќе информации на macedonia.usaid.gov или на Фејсбук страната www.facebook.com/USAIDMacedonia.