- Процентот на поништување на постапките (21% од набавките во 2011 година) и натаму претставува проблем и фрла дамка врз системот на јавни набавки поттикнувајќи ги сомнежите за мотивите за донесување на одлуките за поништување. Дополнителен проблем е што во доминантен дел од мониторираните постапки за јавни набавки, поништувањата следуваа токму во тендери на кои учествувале голем број на понудувачи.
- Вредноста на договорите склучени со преговарање без објавување на оглас во четвртиот квартал до 2011 година достигнаа дури 10 милиони евра. На годишно ниво во 2011 година склучени се непосредни договори во вредност од 39,4 милиони евра што е за речиси 50% повеќе од 2010 година.
Индексот на рационалност бр. 4 што е изработен за производите: огревно дрво и бехатон плочки, како и за услугите изработка на веб страница, здравствен преглед на вработени и одржување на ПП апарати укажува не само на големи разлики во цените, туку и на различен пристап на институциите при набавка на одредени услуги. Највисоката цена платена за изработка на веб страница е за 470% повисока од најниската; кај огревното дрво највисоката цена е за 121% повисока од најниската; кај бехатон плочките разликата е до 41%; кај здравствениот преглед по вработен разликата помеѓу најниската и највисоката цена изнесува дури 530%. Во набавката на услугата за противпожарна заштита разликите се движат од договори од 23.600 денари до 2,5 милиони денари по институција.
Извештајот од мониторингот на јавните набавки и Индексот на рационалност бр.4 се достапни во делот за Извештаи. За повеќе информации ве молиме контактирајте нè на center@ccc.org.mk или на (02) 3213-513.