Прирачникот воедно ги прикажува формите и начините на корупција во најранливите сфери, техниките на истражувачкото новинарство, како и начините на наоѓање на извори и интервјуирање. Тој содржи анализи за корупцијата во јавните набавки, јавните претпријатија и установи, јавната администрација, бесправното градење и урбанизмот, образованието и здравството. Се осврнува и на процесот и проблемите на новинарското истражување, совети за наоѓање и интервјуирање на извори, како и именување и цитирање на извори при известување за корупција.
Применувајќи го истражувачкото новинарство во откривањето на корупцијата, медиумите ќе ја информираат јавноста за корупцијата на сеопфатен и објективен начин со што ќе го зголемува притисокот врз надлежните институции при преземањето мерки за спречување и санкционирање на извршителите на корупцијата.
Центарот за граѓански комуникации веќе трета година активно работи на стеснување на просторот за корупција во Македонија. Прирачникот произлезе од проектот за Подобрување на новинарските способности за истражување и известување за корупција во соработка со Агенцијата на САД за меѓународен развој.