Како работат македонските безбедносни служби

Proekt Korupcija - Натали Наскова СотировскаТајна контролата на тајните службиВласта нема да може да ја користи УБК за политички пресметки само ако нејзината работа реално ја контролираат Собранието, експертите и јавноста, вели професорот на Факултетот за безбедност, Богданчо ГоговЕкспертите предупредуваат на расчекорот меѓу моќта и парите што ги имаат тајните служби и контролата од надлежните органи и институции врз нивМакедонските безбедносни служби работат на своја рака. На Агенцијата за разузнавање никој не и' дава насоки на што да се посвети како државен приоритет, а Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) е држава за себе, со огромна моќ, а без никаква контрола од надлежните органи и институции. Ова се заклучоците на стручната јавност во земјава, но и од директно инволвираните во работата на овие мошне битни служби. Последица на таквото, за едната служба принудно, а за другата самоволно самостојно одлучување што е државен приоритет, без консензус на државниот врв, е што Македонија се промовира во светот како, најблаго речено, недемократска држава. Државните системи во кои овие служби самите одлучуваат што и како да се работи, под палката на тесна државна партиска врхушка, се маркираат како тоталитаристички. Од друга страна, во прашање се доведува и безбедноста на државата, а тоа е всушност и целта на постоењето на овие служби.РАЗУЗНАВАЧИТЕ РАЗУЗНАВААТ ЗА СЕБЕ- Агенцијата има концепција за работа во согласност со државните приоритети. Проблем е што не постои закон што систематски ќе уреди што е национална безбедност, кои се нејзини субјекти, што им е делокругот на работа и кои им се надлежностите. Вака политичката волја е клучна дали...
март 26, 20127241

Proekt Korupcija – Натали Наскова Сотировска
Тајна контролата на тајните служби

Власта нема да може да ја користи УБК за политички пресметки само ако нејзината работа реално ја контролираат Собранието, експертите и јавноста, вели професорот на Факултетот за безбедност, Богданчо Гогов

Експертите предупредуваат на расчекорот меѓу моќта и парите што ги имаат тајните служби и контролата од надлежните органи и институции врз нив

Македонските безбедносни служби работат на своја рака. На Агенцијата за разузнавање никој не и’ дава насоки на што да се посвети како државен приоритет, а Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) е држава за себе, со огромна моќ, а без никаква контрола од надлежните органи и институции. Ова се заклучоците на стручната јавност во земјава, но и од директно инволвираните во работата на овие мошне битни служби. Последица на таквото, за едната служба принудно, а за другата самоволно самостојно одлучување што е државен приоритет, без консензус на државниот врв, е што Македонија се промовира во светот како, најблаго речено, недемократска држава. Државните системи во кои овие служби самите одлучуваат што и како да се работи, под палката на тесна државна партиска врхушка, се маркираат како тоталитаристички. Од друга страна, во прашање се доведува и безбедноста на државата, а тоа е всушност и целта на постоењето на овие служби.

РАЗУЗНАВАЧИТЕ РАЗУЗНАВААТ ЗА СЕБЕ

– Агенцијата има концепција за работа во согласност со државните приоритети. Проблем е што не постои закон што систематски ќе уреди што е национална безбедност, кои се нејзини субјекти, што им е делокругот на работа и кои им се надлежностите. Вака политичката волја е клучна дали ќе се расправа за одредени безбедносни прашања. Имаме сива зона на државните приоритети, па сами ги одредуваме, а на извештаите што ги доставуваме нема никаков повратен одговор од надлежните. Излегува дека работиме сами за себе и никогаш не знаеме дали сме на прав пат. Постои национална стратегија за националната безбедност, но конкретни насоки за работа немаме – вели Љупчо Стефановски, вработен во Агенција за разузнавање.
Иако директорот на Агенцијата го поставува претседателот на државата, таа е целосно под ингеренции на Влада, како работодавец на сите вработени, кој им дава плати и го одредува буџетот. Главни надлежност и’ е да прибира политички, економски и одбранбени информации надвор од државата во врска со одбраната и безбедноста на земјата.
– Во Македонија нема дефиниција на националната безбедност. Не случајно тие служби потпаѓаат под политички влијанија. Демократските системи се препознаваат токму по тоа дали се надвор од политичките влијанија. Немаме дури ни дефиниција што е разузнавање, а што контраразузнавање. Сакаме во НАТО и во ЕУ, а нашиот систем не може да се препознае во ниеден европски безбедносен систем. Со закон треба да се опфати заштитата од тероризам, шпионажа и од организиран криминал, особено трговијата со оружје и со луѓе и перењето пари, заштитата на економскиот систем, но и на човековите права и слободи и на парламентарната демократија – вели Богданчо Гогов, професор на Факултетот за безбедност во Скопје.Тој вели дека иако е една од највиталните државни служби, УБК не е правно регулирана.
– За неа има само со мал број членови во Законот за внатрешните работи, во кои пишува како се назначува директор и кои се нејзините надлежности во најгенерална смисла. Мора да има јасни критериуми за вработување и за напредување, да се нагласи дека нема полициски овластувања, на пример, да апси и да не се дозволи извршување задачи каква што е инфилитрирање во политички партии по барање на извршната власт. Власта нема да може да ја користи за политички пресметки само ако врз неа има реална контрола од Собранието, а не, како сега, да чека извештаи. Мора да има и експертска контрола, особено од аспект на заштитата на човековите права и слободи од повреди од самата држава, но и од трети субјекти – вели Гогов.

ДРЖАВНИОТ ВРВ НЕИНФОРМИРАН

Законски постојат механизми преку кои државата треба да ги насочува и контролира служби, а тие се обврзани постојано да ја информираат што работат и што се случува на терен. Но, тоа е само на хартија. Советот за безбедност, составен од претседателот, премиерот и од другите клучни функционери од најбитните институции во државата, се состанува најчесто откако веќе ќе се појави сериозен проблем за државата. Иако Советот треба постојано да биде „хранет” со информации од безбедносните служби, најчесто добива или „празни” или некомплетни, а некогаш дури и контрадикторни информации од различните служби. Никогаш досега не е направена заедничка безбедносна процена на Агенцијата за разузнавање, УБК и воената разузнавачка служба. Македонија има генерален стратегиски документ за безбедноста – Национална стратегија за национална безбедност, но не и безбедносна доктрина.
– Оваа состојба не е нова. Државниот врв речиси до последен момент не знаеше дека конфликтот од Косово во 2001 година ќе се пренесе во Македонија. Драстичен пример е и отсуството на информации за тоа кога Косово ќе ја прогласи независноста – велат извори блиски со врвното советодавно тело.Системот за управување со кризи, воспоставен пред четири години, формално би требало и да ја обврзе државата да им дава насоки на службите, а тие редовно да доставуваат податоци до најважните државни институции. На врвот на механизмот е Управувачкиот комитет, составен од најважните министри и претставник на кабинетот на шефот на државата, тело што според законот има многу големи ингеренции во државната безбедност.
– Досега никогаш не е направена заедничка безбедносна процена, а најинтензивни состаноци Управувачкиот комитет имал за пожарите лани – велат членови на овој комитет.Никој фактички нема директна контрола врз работата на тајните служби, иако формално три собраниски комисии може и треба да ја контролираат нивната работа. Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање и УБК никогаш досега не извршила таков надзор, а две години воопшто не функционираше. Членовите на комисијата еднаш беа примени куртоазно од еден поранешен директор на Агенцијата, а во УБК не стасале ни дотаму. Иако е законска обврска редовно да доставуваат извештаи за сработеното, службите го прават тоа кога сакаат, доцнејќи и со месеци. Комисијата за одбрана и безбедност има само делумни ингеренции, но „нормално” добиваат никаков или само формален одговор, кој ништо не значи.

„МВР НЕМА ВРЕМЕ ДА ПРИСЛУШУВА ПОЛИТИЧАРИ”

– Министерката за внатрешни работи изјави дека МВР толку прислушува криминалци што нема време да прислушува политичари. Тогаш треба да даде број на прислушуваните, кои се тие, колку време биле прислушувани, за што и колкави и какви се ефектите. Таквите извештаи се неопходни за да се оцени ефикасноста на тие мерки, дали треба нова опрема или кадар. Не може да се каже дека, на пример, требаат нови инвестиции ако се успешно откриени, фатени и санкционирани само два-три случаи годишно. Дали Јавното обвинителство се потруди да провери дали сите прислушувања што ги врши МВР се законски – прашува Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први”.
Тој истакнува дека мора да има контрола над работата на ДБК, но не теориска и илузорна, како сега, туку вистинска, постојана и ефикасна, и не само за кривични дела, туку и кога станува збор за националната безбедност.
– Кај нас нема реална можност за контрола. Пред една недела е формирана комисија за контрола на примената на посебните истражни мерки, но таа се’ уште не почнала да работи бидејќи членовите се’ уште не добиле безбедносни сертификати. Според законот, во февруари годинава требаше да биде доставен првиот извештај на ДБК за употреба на овие мерки. Сите демократски држави имаат вакви извештаи кои се објавуваат на нивните интернет страници и се предмет на оценки на стручњаци, невладините организации и јавноста. Кај нас не може да се дојде ни до бројот на случаите на кои се применети, а не пак за кои и какви случаи и со какви ефекти – вели Калајџиев. Тој нагласува дека со оглед на методите и средствата што ги користи, мора со закон детаљно и прецизно да се уредат работата на ДБК и механизмите на контрола.
– Магловита е целата концепција за уредување на целата безбедносна сфера. Се зборува и дека се подготвува закон во кој ќе се уредува и надворешното разузнавање, па дури и за заговарање дека агенцијата повторно ќе биде припоена кон УБК. Сето тоа се одвива далеку од очите на стручната јавност иако со механизмите што ги користат ваквите служби, се навлегува во основните човекови права – вели Калајџиев.Професорот посочува дека со измените на Законот за следењето на комуникациите се легализирани сите механизми што до пред неколку години овие служби ги користеа тајно.
– Имаше притисок од меѓународната заедница за примена на посебните истражни мерки, како прислушувањето, поради заканите од тероризам и организираниот криминал. Но, кај нас сите корупциски дела се внесоа без исклучок. Никој не може да одговори дали сегашниот закон за следење на комуникациите може да спречи произволна примена на овие мерки. Тоа што судот одобрува не е доволна гаранција дека тие мерки секогаш се применуваат законски. Имајќи ја предвид ситуацијата во која се наоѓа судството, може да се очекува тоа само да ги „покрива” незаконските прислушувања.
Од друга страна, државата може да обезбеди гаранции дека граѓаните нема да бидат прислушувани и од други. Никој не го испита јавно искажаното обвинување дека некои партии имаат опрема за прислушување. Државата мора да обезбеди приватност и на деловните комуникации. Тоа е сериозен предуслов за странски инвестиции. Јавно беше искажано обвинување и дека можностите за прислушување што ги има МВР се користат и за деловни цели, за прислушување на бизнис-заедницата, заради интервенции на берзата, на пример – потсетува Калајџиев.

ДБК СО НАЈГОЛЕМ БУЏЕТ

Транспарентноста и прераспределбата на буџетските пари во различните служби се уште еден проблем во македонската безбедносна заедница. Сите анализи и јавни расправи укажуваат на тоа. За илустрација, во предлог-буџетот за 2009 година не може да се утврди буџетот на УБК. Дел од парите за Управата се во ставката „државна безбедност”, која изнесува само 8,74 милиони евра. Ставката, пак, е речиси трипати поголема од вкупниот буџет на Агенцијата за разузнавање, која в година ќе добие само 3,12 милиони евра.

– Разузнавачите, кои работат во странство, по правило треба да имаат многу поголем буџет од контраразузнавачите на територијата на Македонија. Така е во сите демократски држави. Сооднос каков што има кај нас, има само во диктатурите – предупредуваат експертите.Експертите и дел од членовите на надлежните собраниски комисии постојано предупредуваат на диспропорционалноста на буџетите на различните служби и ресори. Полицискиот буџет постојано е поголем дури и од воениот. В година МВР ќе добие 174,6 милиони евра, а АРМ 136 милиони.
Минативе две години буџетот на војската двапати беше скусуван, за да се додадат пари во МВР. Со последниот ребаланс, МВР доби буџет од 210 милиони евра, за 64 милиони повеќе од планираниот. Најголемо зголемување имаше во буџетот за државна безбедност, кој од планираните 787 илјади евра стаса до неверојатни 25 милиони евра. Сумата за капитални расходи – купување мебел, опрема, возила и машини – се зголеми на 24,5 милиони евра. За споредба, со ребалансот, на АРМ за опремување и останаа само 11,6 милиони евра. Пратеничките прашања на каква опрема се потрошени парите на МВР до денес останаа без одговор.
– ДБК мора да има јасен буџет, надвор од буџетот на МВР. Сега посебни ставки за ДБК не може да се најдат. Битно е да има контролиран буџет. Вака сами си го прават. Не сме чуле кои се заканите за државата, од што се браниме со ДБК, па и е потребен ваков голем буџет. Дали се тоа терористички закани или опасност од шпионажа? Се зборуваше дека Македонија била полна со странски служби, дека дури била нивна база. Па што тогаш работи ДБК? И зошто досега немало расправа за тоа? Кој ги одредува задачите на ДБК? Дали е тоа само тесен круг на извршната власт? Зарем опозицијата и оние кои гласале за неа се непријатели на државата? ДБК не претрпе никаква реформа од времето на социјализмот. Но, не може да се очекува таа сама да се реформира. МВР го направи тоа, но со странска помош и со поддршка од НВО – вели Гогов.

Увид во податоците за граѓаните

Дирекцијата за заштита на личните податоци со последните измени на законот доби можност да ѕирне и во податоците за граѓаните што ги имаат МВР и ДБК. Според неофицијални информации, првиот влез на Дирекцијата во дата базите на службите за јавна и тајна безбедност, се очекуваше да биде овој месец.

– Првиот надзор во МВР и во ДБК е планиран за следната година. Во втората половина на декември ќе дојдат претставници на Европол, кои ќе извршат увид во МВР и кај нас. Бидејќи прв пат годинава добивме надлежност за проверка и на податоците во МВР, очекуваме од Европол да ни дадат насоки како да ја извршиме контролата бидејќи најголемиот број податоци во МВР, а особено во ДБК се заштитени како класифицирани – вели директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ. Хрватската дирекцијата за заштита на лични податоци, на пример, никогаш не успеала да влезе во нивната тајна полиција.

Кој треба да ја контролира УБК

Еден од многуте апсурди е составот на Собраниската комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање. Заменик-претседател е Даут Реџепи Лека, против кого е во тек истрага за случајот со киднапираните Македонци. И полицијата долго не можеше да го најде, а на крајот самиот се појави пред истражен судија. Член на Комисијата е и пратеникот Хисен Џемаили, недостапен за полицијата, кој е обвинет за киднапираните и малтретирани градежни работници на „Маврово”.

ИНФО-Неверојатен скок

Минативе две години буџетот на војската двапати беше скусуван за да се додадат пари во МВР. Со последниот ребаланс, МВР доби буџет од 210 милиони евра, 64 милиони повеќе од планираниот.
Најголемо зголемување имаше во буџетот за државна безбедност, кој од планираните 787 илјади евра стаса до неверојатни 25 милиони евра. Сумата за капитални расходи – купување мебел, опрема, возила и машини – се зголеми на 24,5 милиони евра. За споредба, со ребалансот, на АРМ за опремување и’ останаа само 11,6 милиони евра.

Натали Н.Сотировска  Игор К. Илиевски