Преку половина свет за бубрег

Proekt Korupcija - Дритон ДикенаИако повеќе од една деценија пациенти од Македонија патуваат во Индија, Пакистан и во други држави каде што трансплантации на бубрези се вршат легално, полулегално или нелегално, иако наши граѓани на интернет и волокални весници нудат бубрези на продажба, иако во официјални извештаи пишува дека Македонија е дел од синџирот на нелегална продажба на бубрези, во земјава, официјално, трговија со органи - нема. „Дневник“ направи истражување. Еве, што покажа тоа„Не, не е можно да ми се случува мене. Докторите грешат. Тие ништо не знаат“. Младата дваесет и двегодишна скопјанка не можела да поверува дека здравјето сериозно и брзо и' се нарушува. Се' додека едниот бубрег не и' откажал. Морала да почне со дијализа. „Зошто токму мене ми се случува ова?“ Прашањето и' одѕвонувало секој ден во главата. Не можела да ја поднесе помислата дека до крајот на животот ќе мора да оди на дијализа. Никој од нејзините блиски не бил соодветен донор на бубрег. И решила. Отишла во Пакистан. По бубрег. Како, преку кого - не кажува. Не сака да зборува ниту во која болница била, ниту кој ја оперирал ниту колку платила за бубрегот. Таму и' пресадиле бубрег. Но, нејзините маки не престанале. Напротив. Го изгубила и донираниот бубрег, а за малку и едната нога.- Девојката тешко го поднесуваше фактот дека мора да оди на дијализа. Одеднаш ја снема. Слушнавме само дека по некои тајни канали заминала во Пакистан, во болницата во градот Лахоре, каде што и' бил пресаден бубрег. Но, кратко време по враќањето од Пакистан, повторно дојде во...
март 26, 20122874

Proekt Korupcija – Дритон Дикена

Иако повеќе од една деценија пациенти од Македонија патуваат во Индија, Пакистан и во други држави каде што трансплантации на бубрези се вршат легално, полулегално или нелегално, иако наши граѓани на интернет и волокални весници нудат бубрези на продажба, иако во официјални извештаи пишува дека Македонија е дел од синџирот на нелегална продажба на бубрези, во земјава, официјално, трговија со органи – нема. „Дневник“ направи истражување. Еве, што покажа тоа

„Не, не е можно да ми се случува мене. Докторите грешат. Тие ништо не знаат“. Младата дваесет и двегодишна скопјанка не можела да поверува дека здравјето сериозно и брзо и’ се нарушува. Се’ додека едниот бубрег не и’ откажал. Морала да почне со дијализа. „Зошто токму мене ми се случува ова?“ Прашањето и’ одѕвонувало секој ден во главата. Не можела да ја поднесе помислата дека до крајот на животот ќе мора да оди на дијализа. Никој од нејзините блиски не бил соодветен донор на бубрег. И решила. Отишла во Пакистан. По бубрег. Како, преку кого – не кажува. Не сака да зборува ниту во која болница била, ниту кој ја оперирал ниту колку платила за бубрегот. Таму и’ пресадиле бубрег. Но, нејзините маки не престанале. Напротив. Го изгубила и донираниот бубрег, а за малку и едната нога.

– Девојката тешко го поднесуваше фактот дека мора да оди на дијализа. Одеднаш ја снема. Слушнавме само дека по некои тајни канали заминала во Пакистан, во болницата во градот Лахоре, каде што и’ бил пресаден бубрег. Но, кратко време по враќањето од Пакистан, повторно дојде во нашата клиника со многу проблеми. Функцијата на бубрегот и’ беше оштетена, а и’ се јави и рана тромбоза на крвен сад. Имаше опасност компликациите да се прошират на целата нога. Едвај успеавме да и’ ја спасиме ногата, а бубрегот – отиде. Големи пари биле дадени за пресадувањето во Пакистан, а девојката се доведе во сериозна животна опасност. Таа, за жал, мораше да продолжи со дијализа – зборува д-р Нинослав Ивановски за случајот со младата скопјанка. Д-р Ивановски е раководител на одделот за трансплантација на Клиниката за нефрологија и претседател на Здружението за трансплантација на органи и ткива.

МВР ЧЕКА ПРИЈАВИ

Трговијата со органи во Македонија, како впрочем и во најголемиот дел од земјите во светот е забранета и кривично се гони. Забрането е и купување и продавање органи. Но, македонската полиција никогаш не се заинтересирала преку кои канали македонските пациенти, најмалку една деценија наназад, патуваат во Индија, Пакистан или во други земји каде што пресадувањето купени бубрези е легално или полугегално, дознаваат и доаѓаат до „нов“ бубрег. Полицијата чека пријави.

– Факт е дека има луѓе што патуваат во странство за да им биде пресаден бубрег. Но, ние не сме добиле пријави за да постапиме по нив – вели Зоран Павловски, главен инспектор, раководител на тим во единицата за борба против насилен и сериозен криминал во одделението за организиран криминал во МВР.

Пациентите, нормално, не може да се казнат ако купат бубрег за да си го спасат здравјето. Но, оние што организираат трансплант-тури за нелегална продажба на органи треба и мора да одговараат. Исто како и оние „бизнисмени“ што од сиромашни луѓе купуваат бубрези или други органи за бадијала, а потоа им ги продаваат на богатите за огромни суми.

– Секогаш имало пациенти од Македонија што оделе на пресадување бубрег во некоја од земјите каде што има центри за трансплантација и каде што тоа се врши на легален или полулегален начин. Тоа се главно пациенти од албанска националност. Во последно време на Клиниката ни доаѓаат пациенти што направиле трансплантација во Египет. Ние сигурно не ги праќаме во овие центри – вели д-р Ивановски.

Прашуваме како. Кој им кажува каде и кога има бубрег на „лагер“? Точно е дека на интернет може да се најде „светска берза“ на органи, но некој треба да договори со болницата во која ќе се врши трансплантацијата. Д-р Ивановски појаснува:

– Се разбира дека тие одат илегално. Не поминуваат преку мене. Не знам дали има други замешани. Јас не можам да обвинам. Сум добивал понуди од центри во Пакистан да праќам пациенти, а дел од нивната заработка да ми се врати, но ги одбив. На пациентите не сум во можност да им кажам дека е опасно, од што да се чуваат и како да постапат во ризични ситуации, зашто тие нам не ни кажуваат дека планираат да патуваат за да извршат трансплантација.

СЕДУМ СМРТНИ СЛУЧАИ

Во нашава држава трансплант-туризмот е постојан. Оваа, 2009 година, има тројца пациенти што во Египет биле на пресадување бубрег. Во просек 4-5 македонски пациенти годишно вршат трансплантации во странство.

– Во тие центри одат најчесто пациенти од Косово. Триесетина такви пациенти се под контрола тука, на Клиниката во Скопје. Тие добиле бубрег во два центра – во Равалпинди и Лахоре. Тие центри сега се затворени, но се отворени други. Овие две болници генерираа многу компликации кај пациентите. Таквите болници имаат многу дарители на органи, но немаат стандарди. Хирурзите се вешти, но условите во болниците се страшни. Тоа самите пациентите го кажуваат. Во овие два центра од 2006 до 2008 имаше експлозија на операции. Пациентите од Косово што се враќаа по извршено пресадување бубрег од тие болници, имаа многу компликации – вели д-р Ивановски.

Имало и седум смртни случаи. Многу инфекции се јавувале кај пациентите по трансплатациите на бубрези во болниците во овие земји, па на Клиниката во Скопје морале да им ги вадат за да им го спасат животот. Инфекциите најчесто биле од хируршки тип. Но, во некои земји, во кои таа практика е дозволена, има и подобри болници. На пример, во Филипини трансплантациите со купени бубрези се дозволени, но чинат околу 80.000 долари. Бидејќи Филипини е потписничка на Истанбулската декларација, и таму трансплантациите се ограничени.

За жал, донорите, кои се сиромашни луѓе и кои се одлучуваат да продадат дел од своето тело во паничен обид да најдат начин да го нахранат семејството или да намират некој од натрупаните долгови, добиваат многу малку пари. Во земјите „извознички“ на органи сиромаштија е голема и тоа се злоупотребува. Современата заедница се бори против принудувањето на сиромашните да продаваат органи за да преживеат. Тие за бубрег добиваат 1.500 до 2.000 евра. Некогаш и помалку. Некогаш ништо. Наспроти тоа, купувачите плаќаат скапо. Во Пакистан бубрег чини околу 30.000 долари, а во други земји и до 100.000 долари. Црн дроб на пазарот вреди 150.000 долари.

Само во 2007 и 2008 година, во светот биле продадени околу 15.000 органи. Тој бизнис, кој порано беше резервиран за третиот свет – Индија, Пакистан, Кина, Филипини, Египет – е во експанзија. Тоа се легални дестинации, но има и илегални.

– Турција се смета за стожер и за модератор на оваа активност. Таа е логистичка поддршка и главен центар за трети земји. Таму пациентите и се дијализираат на патот до крајната дестинација за трансплантација. Каналите по кои се одвива оваа трговија не се познати. Не знаеме кој е организатор и како се движи и одвива оваа трговија. Трговија со органи има и во Јужна Америка – Бразил, Еквадор. Во Кина како извор на органи се користат осуденици на смрт. Лани имало околу 16.000 егзекуции при што на луѓето им биле земени органите. И тоа брутално – кога се во церебрална смрт, пред да умрат – вели д-р Ивановски.

Прв случај

Прв забележан случај на продажба на делови од човечкото тело се случил во почетокот на 19 век, во Велика Британија. Извесен Вилијам Буерке убил 16 лица и нивните тела му ги продал на локалното медицинско училиште за обука на студенти по медицина за анатомија.

Токму овој случај бил повод за донесување на првиот законски акт во светот во кој се регулираат донацијата и дистрибуцијата на делови на човечкото тело.

Мачка во вреќа

Во трансплант-туризмот, кој е всушност илегална продажба на органи, учествуваат и македонски пациенти. Но, илегалната продажба на органи е раширена и во Албанија, Косово, Србија и Бугарија, Романија, каде што има развиена трансплантација.

– Богати луѓе од Западна Европа имаа потреба од бубрег, не можат да чекаат, па од млад човек на 25-годишна возраст ќе земат орган. Но, таа трговија секогаш е „мачка во вреќа“, затоа што не знаете што понатаму ќе се случи. Има пациенти од Косово, кои починале уште додека биле во Пакистан или откако дошле овде, зашто бубрегот не профункционирал. Се јавуваат многу компликации при вакви интервенции, па мора да ги извадиме пресадените органи, а болните ги враќаме на апарат за дијализа. Кога се избира поевтина понуда за пресадување орган, тоа значи полоши услови и голем ризик – вели д-р Ивановски.

Постојат индиции дека продажба на органи, особено на бубрези има во Косово, Турција, Украина, Молдавија, Албанија… Поранешната обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте напиша и книга во која посочи дека трговијата со органи постоела во текот на војната.

Смртоносни индиски бубрези

И во Македонија имало случаи со компликации по трансплантација на бубрези во странство. Две момчиња, од кои едно од Скопје, починале пред 10 години откако биле на трансплантација во Индија.

– Кога се врати, детето имаше инфекција што не е типична за нашето поднебје. Во тие земји пациентите најчесто се разболуваат од маларија, кала азар и други болести, кои се ретки кај нас. Најчесто се инфицираат од донорот, но може да се заразат и во болницата. Пред неколку години по пресадување орган во странство, почина 15-годишно дете од инфекции на гастроинтестиналниот пат. Генерално, наидуваме на бизарни компликации и инфекции што тешко се решаваат или бактериите се резистентни на антибиотици. Нивното лекување скапо не’ чини зашто треба да се направи реинтервенција – појаснува д-р Ивановски.

(Екипа на „Дневник“, „Канал 77“ и „Факти“)

Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот СКУП