Бубрег на интернет

Proekt Korupcija - Весна КоловскаАмериканската лекарска организација во официјални извештаи пишува дека Македонија е дел од синџирот на нелегална продажба на бубрези, невладини организации предупредуваат дека „имаат индиции“ оти сиромашни граѓани продаваат бубрези, во неколку афери неименувани македонски лекари беа посочувани дека учествувале во нелегални трансплантации, но официјално, во Македонија нема трговија со органиИтно продавам бубрег за 300 евра. Продавам бубрег за 1.000 евра, нулта позитив. Вакви огласи со телефонски броеви за контакт може да се најдат на страниците на македонски локални печатени медиуми. И на интернет-огласниците.- Ало, добар ден. Имате оглас дека продавате бубрег. Дали огласот уште важи?- Продадено. Не важи - одговара машки глас од другата страна на телефонската линија. Подготвен е да го исклучи телефонот. Се обидуваме да го продолжиме разговорот. Да дознаеме барем нешто.- Дали можеби знаете некој друг да продава? Морам да најдам во најскоро време.- Не, не...- Можеби луѓето со кои вие сте контактирале знаат каде можам да најдам...?Ти-и-т, ти-и-т...Другите телефонски броеви во огласите што се оставени за контакт, веќе не постојат.Ако на кој било домашен или странски интернет-пребарувач впишете „продавам или купувам бубрег“, ќе најдете поголем број огласи во кои тој орган се нуди или се бара. Дали македонската полиција ги проверува ваквите огласи?- Огласите не се предмет на кривично гонење. МВР ги следи огласите, но самиот чин на објавување не се коси со законската регулатива. Ако не може да се докажат елементи на кривично дело, МВР нема основа за постапка. Треба да се докаже дека органот се нуди и продава присилно, под закана, но не и ако...
март 15, 20122659

Proekt Korupcija – Весна Коловска

Американската лекарска организација во официјални извештаи пишува дека Македонија е дел од синџирот на нелегална продажба на бубрези, невладини организации предупредуваат дека „имаат индиции“ оти сиромашни граѓани продаваат бубрези, во неколку афери неименувани македонски лекари беа посочувани дека учествувале во нелегални трансплантации, но официјално, во Македонија нема трговија со органи

Итно продавам бубрег за 300 евра. Продавам бубрег за 1.000 евра, нулта позитив. Вакви огласи со телефонски броеви за контакт може да се најдат на страниците на македонски локални печатени медиуми. И на интернет-огласниците.

– Ало, добар ден. Имате оглас дека продавате бубрег. Дали огласот уште важи?

– Продадено. Не важи – одговара машки глас од другата страна на телефонската линија. Подготвен е да го исклучи телефонот. Се обидуваме да го продолжиме разговорот. Да дознаеме барем нешто.

– Дали можеби знаете некој друг да продава? Морам да најдам во најскоро време.

– Не, не…

– Можеби луѓето со кои вие сте контактирале знаат каде можам да најдам…?

Ти-и-т, ти-и-т…

Другите телефонски броеви во огласите што се оставени за контакт, веќе не постојат.

Ако на кој било домашен или странски интернет-пребарувач впишете „продавам или купувам бубрег“, ќе најдете поголем број огласи во кои тој орган се нуди или се бара. Дали македонската полиција ги проверува ваквите огласи?

– Огласите не се предмет на кривично гонење. МВР ги следи огласите, но самиот чин на објавување не се коси со законската регулатива. Ако не може да се докажат елементи на кривично дело, МВР нема основа за постапка. Треба да се докаже дека органот се нуди и продава присилно, под закана, но не и ако се нуди доброволно – вели Зоран Павловски, главен инспектор, раководител во единицата за борба против насилен и сериозен криминал во одделот за организиран криминал во МВР.

Од него не добивме одговор дали полицијата разговарала со луѓето што ги дале огласите и како без тоа може да знае дали тие луѓе доброволно или под притисок си ги нудат бубрезите на продажба, дали и кој ги купува, каде завршуваат. Или огласите се само нечија несолена шега? Во секој случај, чудно е толкувањето на полицијата ако се знае дека продажбата на органи во Македонија е забранета, без оглед дали е доброволна или присилна. Има и доброволна проституција, па државата сепак ја гони и ја санкционира.

Бидејќи станува збор за сериозен криминал, во кој се користат бедата и сиромаштијата на луѓето, сопствениците на медиумите во кои се објавуваат огласи би требало да внимаваат на нивната содржина.

– Самото објавување на огласот не е кривично дело. Мора да се докаже улогата на медиумот, односно огласникот во мрежата за продажба на органи – објаснува Павловски.

Има, па нема

Кога во јануари минатата година „Дневник“ објави информација добиена од една македонска невладина организација дека во Македонија се тргува со човечки органи и оти најчести жртви се Ромите, сите надлежни институции се потрудија колку што е можно побргу да демантираат. Со демант се јави и самата невладина организација. А, информацијата беше дека невладината организација, која се занимава со заштита на жртви на трговија со жени, имала сериозни индиции оти припадници на ромската заедница во Скопје, поради тешката беда во која живеат, за одреден паричен надомест се согласувале да им биде изваден орган, најчесто бубрег. Органите се продавале најчесто со посредници во странство. Речиси две години подоцна, во извештајот на Американската лекарска организација, Македонија се спомнува како држава чии граѓани си ги продаваат органите и како дел од турата во таканаречениот трансплант-туризам. Што, всушност, се случува во Македонија? Ги продаваат ли македонските граѓани своите органи? Или некои се од другата страна на синџирот со трговијата како пациенти кои примаат нелегално набавени органи? Можеби се дел од мрежата за препродажба? Македонската полиција е децидна – во Македонија не е откриен случај на трговија со органи.

Прилеп е еден од градовите во кои од поодамна кружат гласини дека Роми продавале органи, најчесто бубрези. Официјално тоа никој не го потврдува. Несиме Салиоска од „Рома СОС“, невладина организација која се занимава со здравствена проблематика, само потврдува дека и до нив допреле гласините за трговија со органи во која се вмешани и Роми. Прилепските Роми одбиваат да зборуваат на таа тема. Шенај Османов од Здружението за правата на Ромите, кое го покрива подрачјето на источна Македонија, вели:

– Слушам озборувања, како и сите други, за вмешаност на Ромите во ваква трговија. Но, дали навистина е така, не можам да тврдам. Никој не ни се обратил.

Тој смета дека токму новинарските пишувања го поттикнале ширењето на ваквите гласини во ромските населби.

Приказна за тетовски доктор

Нема истраги. Само индиции. Најмногу гласини. Како на пример, за вмешаноста на еден тетовски гинеколог. Во одредени кругови се шепоти дека ординирал во Албанија, но поради проблеми со тамошната полиција „проектот“ ќе го преселел во Македонија. Се зборува дека наводно бил „специјализант“ на контроверзниот изреалски доктор Заки Шапира, кој пред десетина години дојде во Македонија и на македонските доктори им понуди да влезат во вносниот „бизнис“ со трансплант-туризмот. Шапира беше одбиен, но негови ученици, а и тој самиот, работат во регионот. Според приказната, во текот на конфликтот во 2001, период во кој наводно бизнисот со трговија со човечки органи во Македонија „процветал“, тетовскиот доктор ординирал на релација Албанија – Косово – Македонија. Неговата задача, наводно, била да наоѓа потенцијални донори, но и да помага при трансплантациите и во постоперативниот третман. Се тврди дека под притисок на меѓународната јавност, албанското обвинителство повело истрага против македонскиот доктор, кој имал легална дозвола за работа во Тирана. Според непотврдени информации, истрагата била запрена, а на докторот му била одземена дозволата за работа.

Дали станува збор за истиот не се знае, но во февруари 2006 година албанските медиуми пишуваа дека македонски лекар со албанско етничко потекло, кој имал приватна клиника во Скопје, бил еден од најблиските соработници на Фотис Андрапулос, грчки лекар обвинет за шверц со човечки органи од Албанија во Италија. Македонските медиуми тогаш ги пренесоа пишувањата на тиранска „Газета шкиптаре“ дека лекар интернист со иницијали Н.З. кој, наводно, специјализирал во Германија, преку својата приватна ординација во Скопје директно ги препраќал донорите на клиниката на Андропулос во албанскиот град Фиера.

Хонорарец од Македонија

Четири години подоцна во МВР негираат дека воопшто имало истрага за трговија со органи. Инспекторот Павловски вели дека доктор со овие иницијали не бил предмет на истрага. За да одговори на нашите прашања, МВР извршила проверки во сите полициски станици, на централни и на локални нивоа на Министерството.

Се претпоставува дека 30-ината Македонци што понудиле да и’ продадат бубрег на Клиниката за нефрологија во Скопје, но биле одбиени, органите ги понудиле на црниот пазар.

Во ноември 2008 година, скандалозно откритие на косовската полиција ги вознемири балканските простори. Браќата доктори Љутви и Арбен Дервиш и нивниот колега Тун Перворфај беа уапсени за трговија со човечки органи. Со нив работел и турски доктор. Во сенка остана информацијата дека во приватната приштинска клиника „Медикус“, позната како „клиника на ужасот“, хонорарно работел и неименуван лекар од Македонија. Тој податок на новинарите им го обелодени портпаролот на косовската полиција, Ветон Ељшани.

– Факт е дека трговијата со човечки органи зема замав. За тоа и медиумите постојано информираат. Се’ повеќе овој проблем е присутен во светот и во соседството. Ние состојбите ги следиме бидејќи не смеат да се остават на случајност. Но, пријави нема – вели Павловски.

Тогаш бил уапсен и израелскиот државјанин Моше Харел, кој бил главен оперативец во пронаоѓање дарители на бубрези и на оние кои ги купувале по цена и до 120.000 евра. Мозокот на „бизнисот“ бил Заки Шапира, за чие име повеќе од една деценија се врзува трговијата со органи, нелегалните трансплантации и трансплант-туризмот. Доктор Шапира, откако бил одбиен од Македонија, соработка во бизнисот за пресадување бубрези ја понудил и ја реализирал во Естонија, Молдавија и во Турција.

Кога во 2007 година Македонија беше спомната во извештајот на Американската здравствена организација во врска со нелегални трансплантации, македонската влада наложи тоа да се испита. Резултатите од истрагата не и’ се познати на јавноста.

Македонија, Косово, Албанија и Бугарија се означени во извештајот на Американската здравствена организација од декември 2007 година како земји на „хируршки туризам за собирање органи“

Според истражувањето на „Американ кроникал“, операции за земање органи се вршат во источна Европа, а особено на Косово, во Албанија, БиХ и во Македонија. Органите се дистрибуираат во Германија, скандинавските земји, САД, Израел, Велика Британија итн. Биле вмешани доктори од Израел, Турција, Бразил и од Филипини. Само во 2001 во Универзитетската клиника во Ерусалим закрепнувале 60 пациенти по пресадени бубрези од непознати донори. Многумина Израелци патуваат во источна Европа заедно со израелски доктори, каде што во договор со локални бизнисмени се основаат некакви клиники, како што тоа во 1999 година сакаше да го направи д-р Шапира во Македонија.

(Натали Н. Сотировска и Љубица Балабан од „Дневник“, Весна Коловска од „Канал 77“ и Дритон Дикена од „Факти“)

Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот СКУП

Под сомнение 2001-та

МВР не ја исклучува можноста дека во конфликтот во 2001 во Македонија засилено „функционирал“ црниот пазар на човечки органи.

– Потврдени сознанија немаме. Може само да претпоставуваме дека имало трговија со органи бидејќи имаше исчезнати лица. Беа најдени и тела во распаѓање, па не можеше да се утврди дали претходно им биле вадени органи – вели главниот инспектор Зоран Павловски.

Што вели законот

Во Македонија законски орган може само да се подари, донира, но не и да се профитира од тоа. Донори тешко се наоѓаат бидејќи таа практиката е во зародиш.

Лекарите и членовите на Националната фондација за трансплантација велат дека се’ додека не заживее донирањето, државата ќе биде плодна почва за криминална трговија со органи.

Објавениот текст тука