Proekt Korupcija – Даниела Трпчевска
Скајп, е-маил , чет програми, и-беј секојдневно се преплавени од хакери кои се обидуваат на лесен начин да заработат, со продажба или купување на тајни кодови за кредитни картички. Стотици податоци секојдневно се разменуваат во тајни виртуелни соби на најпознатите чет програми, кои ги користат милиони луѓе ширум светот. Влезот во овие „тајни одаи“ најчесто е строго ограничен и до нив имаат пристап само оние кои имаат шифра. Разговорите на кои се разменуваат, продаваат и купуваат податоци за банкарски сметки, лични податоци на богати луѓе, како и пин кодови за кредитни картички не се интересни само за хакерите. Со будно око нив ги следи и полицијата, која тешко успева да се справи со „епидемијата“ на комјутерски криминал која го зафаќа светот. На ова не е имуна ниту Македонија. Иако со далеку помал обем, комјутерскиот криминал веќе почна да ги напаѓа македонските банкомати, олеснувајќи ги сметките на граѓаните и предизвикувајќи штета за која никој досега јавно не проговорил колку изнесува.
Сознанијата на македонската полиција укажуваат дека во криминалот со кредитни картички македонските хакери често соработуваат со луѓе во странство со кои разменуваат податоци по интернет и потоа ги празнат банкоматите со лажни кредитни картички. Грција, Бугарија, Црна Гора, Хрватска се заразени од компјутерски криминал. Особено се зафатени Бугарија и Романија каде најчесто завршуваат и од каде се купуваат украдените кредитни картички. Станува збор за добро разработена мрежа, во која често се вплеткуваат и криминалци од Македонија.
Минатата година беше реализираше најголемата акција наречена „Банкомат“ за сузбивање на криминалот со кредитни картички, при што беше откриена дваесетчлена група од Европа. Во прибирањето на податоци за клиенти со дебело салдо во Германија и Италија, и потоа изработка на фалс картички во Бугарија, учествувале и неколкумина македонски државјани. Во криминалната група, покрај македонските државјани, биле и државјани на Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора и уште неколку земји, кои со фалс картички подигале пари од банкомати во речиси сите европски земји. Истрагата на германскиот и италијанскиот Интерпол утврдила дека групата оштетила неколку стотици сопственици на банкарски сметки, извлекувајќи неколку милиони евра од нивните сметки.
Според сознанијата на македонската полиција, групи од земјава и од Бугарија најчесто разменуваат информации и пин кодови со групи од Шпанија и Португалија, како и од другите западноевропски држави. Користат шифри, го бараат секое дупче за да влезат во нечиј туѓ систем, да пробијат пасворд или да украдат нечии податоци.
Претпоставките се дека пин кодовите и тајните податоци за банкарските сметки се разменуваат на скајп, по меил, преку лични пораки, на чет програми, на и-беј, и на други сајтови. Цената на податоците кои се продаваат зависи од тоа колку тежи банкарската сметка на корисникот чии податоци се украдени. Па така тие можат да варираат од 50 евра, па до десетици илјади евра доколку предмет на кражба е пластика со милионски суми.
„Секое утро може да се каже дека по еден нов систем е измислен од страна на интернет измамниците“, велат од Единицата за борба против комјутерскиот криминал која неодамна беше формирана во МВР.
Дел од хакерите изминативе години се поврзуваа и со криминални групи од Порторико и Романија, преку кои се пренесуваа украдените кредитни картички во Европа. Добиените украдени податоци потоа со посебна апаратура ги внесуваат на бланко или на бренд картици, по што прават секакви малверзации.
Олеснителна околност за нив е тоа што белата пластика може да се набави буквално секаде. Може да се најде во слободна продажба, во хотели каде се користи за влез во собите, како пропусници кои ги користат институциите, како картички за кафемати. Она што им преостанува на измамниците е на магнетната лента на картичките да внесат податоци од оригинални кредитни картички и да ја извлечат саканата сума пари.
„Нашите криминалци се поврзуваат со странство, но македонската школа не е за потценување“, коментираат инспекторите за компјутерски криминал.
Ваквите малверзациите ги прават интелигентни личности, кои се добро навлезени во компјутерскиот систем, контактираат со лица од интернет преку форуми, каде се одвива вистинска берза на украдени броеви. На интернет со години цвета пазарот на украдени броеви на кредитни картички и пин кодови. Според „Њујорк тајмс” цената за „голд виза” и “мастеркард” е 100 долари за парче. Неодамна на јавна аукција на интернет се најдоа неколку 20 милиони банкарски сметки во Германија, кои крадците на идентитет ги продаваа на црниот пазар за 12 милиони евра.
Од македонската полиција велат дека доколку има индиции за злоупотреба, ги следат ваквите интернет форуми и нелегалната размена на украдени лични податоци. Проценките се дека за пет до седум години ќе има голема експанзија на комјутерскиот криминал, за што е потребна поголема соработка со соседните земји, бидејќи станува збор за многу комплексен проблем кој буквално не знае за граници. Криминалецот и криминалот кој е извршен најчесто се наоѓаат на две сосема различни точки на земјината планета, што криминалците ги прави се понедостапни за законот.