Широк простор за злоупотреба и за унапредување на процесот на јавни набавки

Центарот за граѓански комуникации на 23 јуни, 2009 го претстави вториот тримесечен  Извештај за резултатите од мониторингот на јавните набавки(.pdf) . Претставникот на Центарот за граѓански комуникации, Сабина Факиќ ги сумираше резултатите од мониторингот, односно ги потенцираше главните ризици кои стојат на патот на транспарентни, отчетни, ефикасни и рационални јавни набавки во Македонија. Констатирани се висок процент на поништување на јавните набавки, субјективно одредување на критериумите за избор на најповолна понуда, одолговлекување на донесувањето одлуки, мал број постапки преку е-аукција, необразложување на донесените одлуки, пораст на бројот на договори со постапката за преговарање без објавување на оглас и др. Просечната оценка со која економските оператори го оценуваат спроведувањето на постапките за јавни набавки изнесува 2,93 на скалата од 1 до 5.  
јуни 23, 20095051

 

На трибината по повод претставувањето на извештајот учествуваа и претставници на сите засегнати институции во процесот на јавните набавки, меѓу кои Бирото за јавни набавки, Државната комисија по жалби за јавни набавки, Државната комисија за спречување на коруцијата, стопанските комори, МАСИТ, невладини организации, странски мисии во земјата и Фондацијата Институт отворено општество-Македонија која го подржува овој проект.

Антикорупцискиот експерт, Вања Михајлова ги претстави препораките за унапредување на системот на јавни набавки, а кои произлегуваат од лоцираните слабости во спроведувањето на овој процес. Дел од сугестиите укажуваат на потребата од измена на регулативата во оваа сфера, додека дел повикуваат на примената на најдобри практики кај државните органи кои ги спроведуваат јавните набавки. Професорот на Американскиот универзитет и член на експертскиот тим, Томе Неновски направи пресек на спроведените јавни набавки за цела 2008 година, а врз основа на податоците добиени од штотуку објавениот годишен извештај на Бирото за јавни набавки.

Во дисусијата по резултатите од мониторингот, присутните се согласија дека извештајот нуди сеопфатен и реален приказ на состојбата со процесот на јавни набавки во Македонија и дека во оваа сфера се уште има голем простор за унапредување. Дел од претставниците на државните институции надлежни за успешно спроведување на јавните набавки оценија дека дел од понудените препораки се спроведливи, но за друг дел не може лесно да се изменат постојните законски решенија бидејќи истите биле предвидени и во европската регулатива.

Извештајот може да се преземе тука(.pdf).