Хирурзи одбиле непристојна понуда

Proekt Korupcija - Весна КоловскаНадлежните институции тврдат дека кај нас нема трговија со човечки органи, иако повеќе од една деценија македонски државјани патуваат во странство, во земји како Индија, Пакистан, а во поново време и во Египет, да извршат полулегална трансплантација на бубрег. Има неофицијални информации дека бизнисот со трговијата со органи, најмногу со бубрези, цвета во Македонија и во земјите од регионот, а Американската лекарска организација ја посочува нашата земја како дел од трговскиот синџир. Но и покрај тоа, надлежните за откривање и гонење на криминалот велат кај нас го немало. Пред десетина години нашите лекари одбиле понуда на израелскиот колега Заки Шапира, чие име се врзува со нелегални трансплантации и шверц на бубрези, Македонија да стане дестинација каде што ќе се вршат пресадувања.- Точно е дека тој бизнис „цвета“. Ние ги пријавуваме случаите кога ќе ни дојдат македонски, но и пациенти од Косово кои по пат на трансплант-туризам дошле до бубрег. Тие во Клиниката за нефрологија доаѓаат бидејќи по извршената трансплантација добиле компликации и ние мора да ги санираме и да ги лекуваме. Не ретко дури и мора да им ги извадиме бубрезите што скапо ги платиле за да им го спасиме животот. Ги пријавуваме таквите случаи во полиција. Доаѓаат иследници за да се најде посредникот, зашто пациентите одат преку канали што ние не ги знаеме. Има сомневања дека преку исламските фундаменталисти од Албанија голем дел од пациентите од Косово оделе преку овие канали во Пакистан. Тоа е многу вешто направено. Сепак, може да се открие, како впрочем и другите видови организиран криминал,...
март 15, 20122895

Proekt Korupcija – Весна Коловска

Надлежните институции тврдат дека кај нас нема трговија со човечки органи, иако повеќе од една деценија македонски државјани патуваат во странство, во земји како Индија, Пакистан, а во поново време и во Египет, да извршат полулегална трансплантација на бубрег. Има неофицијални информации дека бизнисот со трговијата со органи, најмногу со бубрези, цвета во Македонија и во земјите од регионот, а Американската лекарска организација ја посочува нашата земја како дел од трговскиот синџир. Но и покрај тоа, надлежните за откривање и гонење на криминалот велат кај нас го немало. Пред десетина години нашите лекари одбиле понуда на израелскиот колега Заки Шапира, чие име се врзува со нелегални трансплантации и шверц на бубрези, Македонија да стане дестинација каде што ќе се вршат пресадувања.

– Точно е дека тој бизнис „цвета“. Ние ги пријавуваме случаите кога ќе ни дојдат македонски, но и пациенти од Косово кои по пат на трансплант-туризам дошле до бубрег. Тие во Клиниката за нефрологија доаѓаат бидејќи по извршената трансплантација добиле компликации и ние мора да ги санираме и да ги лекуваме. Не ретко дури и мора да им ги извадиме бубрезите што скапо ги платиле за да им го спасиме животот. Ги пријавуваме таквите случаи во полиција. Доаѓаат иследници за да се најде посредникот, зашто пациентите одат преку канали што ние не ги знаеме. Има сомневања дека преку исламските фундаменталисти од Албанија голем дел од пациентите од Косово оделе преку овие канали во Пакистан. Тоа е многу вешто направено. Сепак, може да се открие, како впрочем и другите видови организиран криминал, но и другите земји, особено од регионот, мора да преземат мерки. Без заедничка акција на полицијата од целиот регион, тоа нема шанси да успее. Големи пари се во игра и тешко се открива синџирот, во кој многу луѓе профитираат, а најмалку донорот – вели д-р Нинослав Ивановски, раководител на одделот за трансплантација на Клиниката за нефрологија и претседател на Здружението за трансплантација на органи и ткива.

Во МВР, пак, велат дека никој ништо не им пријавил. Ни лекарите од Клиниката ни пациентите.

– Досега немаме официјална пријава ни од државна или приватна институција ни од граѓанин. Факт е дека има лица што патуваат во странство да им биде пресаден бубрег. Тоа се дознава и преку медиумите. Но, повторувам, пријави нема ни од Клиниката ни од лицата што биле во Индија или во која било друга земја, ниту за тоа сме разговарале со некои од нашите доктори – вели Зоран Павловски, главен инспектор, раководител на тим во единицата за борба против насилен и сериозен криминал во Одделението за организиран криминал во МВР.

Бегајте, иде полиција!

Меѓу лекарите на Клиниката за нефрологија има мислења дека пациентите што одат во други земји на трансплантација не треба да се примаат на скопската клиника, туку да се враќаат таму каде што им била извршена интервенцијата.

– Дел од колегите велат: „Јас не сум должен да ги лекувам, нека се вратат во Пакистан и таму нека се оперираат ако добиле компликации“. Мој став е дека тие пациенти треба да се прифатат. Тие не може да бидат вратени ни поради својата здравствена состојба, а и лекувањето на компликациите не е во цената на интервенцијата што ја направиле во тие земји. Брутално е што тие лекари таму гледаат што побрзо да се ослободат од пациентите, често и под изговор – бегајте, доаѓа полиција! Факт е дека нас, државата, доста скапо не’ чини лекувањето на компликациите што им настанале по извршената трансплантација – нагласува Ивановски.

Кој продава, а кој подарува бубрег?

– Има луѓе што сакаат да го наплатат донирањето органи од разни причини – или да решат некој егзистенцијален проблем (да купат куќа или автомобил, да почнат бизнис). Некои со тие пари сакаат да отплатат долг. Но има и такви што сакаат да дадат бубрег без никаква причина, само заради давање. Меѓу потенцијалните донори има и Роми, но и други луѓе, како самарјански донори – вели Ивановски.

Во САД ги прифаќаат донорите што не бараат надомест. Единствен услов е примателот да не знае кој е донорот.

– И кај нас се јавуваат по неколку вакви случаи годишно. Ни доаѓаат граѓани што велат дека сакаат да подарат бубрег. Не се многу. Велат дека тоа би го направиле без надомест. Ги враќам бидејќи нема начин да откријам што стои зад нивната понуда. Некаде овие понуди се прифаќаат. Во Иран, на пример, се прифаќаат ваквите донори. Таму државата вели: „Сите исламисти пред Алах имаат наредба да дадат бубрег, бидејќи тоа некому може да помогне“. Во Иран има огромен одѕив за донирање органи, а државата им дава пари на дарителите. Но, процесот лошо се контролира, бидејќи основно е пациентот што дарува орган да биде здрав и понатаму. Катастрофа е ако и нему подоцна му се случи нешто, ако добие некоја здравствена компликација – вели Ивановски.

Тој вели дека досега на Клиника не дошол пациент со компликации кој признал дека е донор на орган.

– Факт е дека ни дошле неколку пациенти што немаат бубрег. Но, кога ќе ги прашаме, ни велат дека бубрегот им е изваден поради „камењата“. Знаеме дека во Турција се прават овие интервенции, а колегите од Турција велат дека таквите интервенции се добро организирани и скриени – вели Ивановски.

Д-р Шапира во Македонија

Ивановски се сеќава на обидот на израелскиот хирург Заки Шапира, чие име постојано се врзува за трговијата со органи, Македонија да стане дестинација во трансплант-туризмот. На македонските колеги им понудил тој да носи израелски пациенти во Македонија и органи за нив, тој да ги оперира, а тие да му обезбедат простор и други потреби услови за трансплантација.

– Кај нас Шапира пред десетина години го нудеше тоа што го доби на Косово. Тогашниот министер за здравство, Петар Илиевски, ми дојде со предлог јас да ги надгледувам интервенциите врз израелските граѓани. Шапира требаше да оперира. Како донори на органи требаше да бидат користени израелски граѓани, кои би се оперирале кај нас. Тука требаше и да им се пресадуваат бубрези на примателите, исто граѓани на Израел. Првото прашање ми беше зошто тоа да не се прави во Израел, туку кај нас? Го одбивме. А до министерот пративме писмо дека таа понуда е обид за продажба (трговија) на органи! Но, тоа што не успеа кај нас, го направи во Естонија. Д-р Шапира веќе 10 години рови по светот. Израелските колеги се откажаа од него – тврди Ивановски.

Според него, има индиции дека илегалната трговија со органи е длабоко навлезена во Косово, Романија, Молдавија, Албанија, Украина…

– Секаде каде што има сиромашно население и недооформен правен систем. Ваква трговија се одвива на само 80 километри од Македонија – вели тој.

Во Македонија е дозволено да се врши пресадување на бубрези од членови на исто семејство – од мајка, татко, маж, жена…

– Нашиот систем се заснова на доброволна основа и исклучува секаков вид материјална корист од донирањето бубрег. Прифаќаме и несродни дарители, но да се од семејството – свекор, јатрва, тест… Клучната улога ја играме ние, лекарите. Донорите се потпишуваат и пред нотар дека дарувањето на органот е доброволно. Мора да одат и на психолог, кој ги прегледува и ја гледа заемната врска меѓу донорот и примателот, односно дали меѓу нив има емотивна врска. Наодот најчесто вели дека има силна врска меѓу нив. Ако треба да се процени дали се пресметливи, донорите одат и на психијатар. И на крајот, ако сепак има некаков сомнеж, се оди пред етичка комисија на Министерството за здравство. Во никој случај донирањето не смее да има финансиска заднина. Особено внимание посветуваме дали има притисок врз донорот да го даде органот. Тоа во почетокот може да се прикрие. Според нашиот Закон за трансплантацијата, ако се предлагаат донори што не се од сродни членови на семејството, мора да се бараат и дополнителни дозволи од Министерството за здравство – објаснува Ивановски.

Препорака и од Истанбулската декларација е да заживее трансплантацијата и во оние земји каде што треба да се прави, да се обезбедат оптимални услови и државата да застане зад овие сложени интервенции – порачува Ивановски.

(екипа на „Дневник“, „Канал 77“ и „Факти“)

Истражувањето е поддржано од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот СКУП

Лажни роднини

Македонските лекари се жалат дека често се изложени на притисоци од косовски граѓани, кои на Клиниката за нефрологија носат екстремно сиромашна млада индивидуа од Косово или од Албанија и ја претставуваат како роднина што сака да донира бубрег.

– Честопати носат едночудо навидум валидни документи, кои веројатно не е тешко да се добијат таму од каде што доаѓаат. Треба многу да внимаваме кога станува збор за прифаќање на сомнителни донори зашто многу лесно може да се подметне платен донор и да се влезе во криминална дејност што може да го наруши високиот етички рејтинг на македонската трансплантација – велат лекари на Клиниката за нефрологија.

Бубрег купен за 1.000 се продава до 30.000 долари

Секој човек е потенцијален донатор на околу 25 различни органи и ткива. Се тргува со се’: бели дробови, црн дроб, срце, бубрези, делови од скелетот, па се’ до тетиви, кожа, фетуси, но и со лешеви. Цените на органите се различни, зависно од пазарот од кој доаѓаат и од нивниот квалитет. Трговијата со човечкото тело и со органи е забранета, но секојдневно и речиси легално се одвиваат одредени облици на таква трговија, која најчесто ја поддржуваат истражувачките лаборатории и големите фармацевтски компании. Илегалната трговија со органи е транснационален организиран криминал, кој носи профити слични на оние со жени, дрога и оружје. Како и во случајот со трговијата со жени, се користи крајната беда на луѓето. Бубрег од Индија или од Ирак, кој сопственикот го продал само за 1.000 долари за да си ги нахрани децата или да плати некој долг, стигнува до примателот во некоја европска или американска држава по цена од околу 30.000 долари. Животот на богатите пациенти од север го спасуваат сиромашните жители од југот, животот на белците го спасуваат припадниците на црната и жолтата раса, а жените ги спасуваат мажите. Вообичаени патишта на илегалната трговија со органи водат од Латинска кон Северна Америка, Европа и Средниот Исток; од земјите на поранешниот советски блок кон балтичките и земјите на Западна Европа; од Романија кон Италија, од Турција и Кипар кон Израел и Средниот Исток; од Косово и Албанија кон Италија и Западна Европа и Средниот Исток; од Камбоџа и Виетнам кон Тајланд, а од Тајланд и Филипини кон Австралија и Нов Зеланд и Тајван; од Индија и Пакистан кон Средниот Исток.

Објавениот текст тука