Резултати од мониторингот на јавните набавки во Македонија

СКОПЈЕ, 30 Август 2013 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа периодот од јануари до март 2013 година. Некои од клучните наоди се: Македонија останува една од ретките земји која во својот Закон за јавни набавки нема предвидено санкции за прекршувања на одредбите од Законот и покрај констатираните бројни случаи на вакви прекршувања - компаративната анализа на македонското законодавство со 8 земји од Европа. Секој четврти договор за јавна набавка во мониторираниот примерок е склучен преку тендер во кои учествувала само една фирма. Отсуството на натпревар на фирмите значи и отсуство на гаранција дека потрошените пари се дадени за квалитетни производи или услуги по поволни, односно конкурентни цени. Оспорено е правото на фирмите да го докажуваат претходнотото искуство во работењето преку меѓусебно здружување. Државната комисија за жалби по јавни набавки оценува дека фирмите можат да ги здружат капацитет за докажување на способност за реализација на идната набавка, но не и за докажување на претходно искуство. Поради ова постои ризик од уште поголема концентрација на јавни набавки кај мала група на големи компании. Поништувањeтo на тендерите е на исклучително високо ниво од дури 26,6%. Вредноста на договорите склучени преку постапка со преговарање без објавување оглас во првиот квартал од 2013 година изнесува 11 милиони евра. Извештајот од мониторингот е достапен овде. За повеќе информации ве молиме контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
август 30, 20136723

БЕЛЕШКА ДО УРЕДНИЦИТЕ:

 

Проектот на УСАИД за граѓанско општество е 2,5 годишен проект финансиран од УСАИД и спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со: Центар за граѓански комуникации; Младински образовен форум; Реактор – Истражување во акција и Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација. Од 1993 година, американскиот народ преку УСАИД инвестираше во Македонија над 500 милиони долари. УСАИД соработува со народот во Македонија со цел да се отворат работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се зајакне интегрираното образование и студентите да се подготват за пазарот на труд. Ваквите иницијативи го подобруваат квалитетот на живот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. Повеќе информации на macedonia.usaid.gov или на Фејсбук страната www.facebook.com/USAIDMacedonia.