Резултати од мониторингот на јавните набавки и од индексот на рационалност

СКОПЈЕ, 27 април 2012 – Центарот за граѓански комуникации ги објавува резултатите од редовниот мониторинг на јавните набавки во земјава за периодот од октомври до декември 2011 година, како и Индексот на рационалност бр.4. При мониторингот на јавните набавки во четвртиот квартал од 2011 година, меѓу другите, констатирани се следниве клучни забелешки: Во половина од мониторираните тендери планираната електронска аукција не се одржала поради тоа што била доставена само една понуда или само една понуда била оценета како прифатлива. На овој начин се доведува во прашање рационалноста во трошењето на јавните пари бидејќи во случаи кога се планира е-аукција фирмите првично доставуваат повисоки цени во очекување на нивно намалување низ негативното наддавање во аукцијата. Овие проблеми се директна последица на високото поставување на критериумите за квалификација на фирмите за учество во тендерите. Проблемот со малата конкуренција во 2011 година се продлабочува.
април 27, 20126978

 

  • Процентот на поништување на постапките (21% од набавките во 2011 година) и натаму претставува проблем и фрла дамка врз системот на јавни набавки поттикнувајќи ги сомнежите за мотивите за донесување на одлуките за поништување. Дополнителен проблем е што во доминантен дел од мониторираните постапки за јавни набавки, поништувањата следуваа токму во тендери на кои учествувале голем број на понудувачи.
  • Вредноста на договорите склучени со преговарање без објавување на оглас во четвртиот квартал до 2011 година достигнаа дури 10 милиони евра. На годишно ниво во 2011 година склучени се непосредни договори во вредност од 39,4 милиони евра што е за речиси 50% повеќе од 2010 година.

Индексот на рационалност бр. 4  што е изработен за производите: огревно дрво и бехатон плочки, како и за услугите изработка на веб страница, здравствен преглед на вработени и одржување на ПП апарати укажува не само на големи разлики во цените, туку и на различен пристап на институциите при набавка на одредени услуги. Највисоката цена платена за изработка на веб страница е за 470% повисока од најниската; кај огревното дрво највисоката цена е за 121% повисока од најниската; кај бехатон плочките разликата е до 41%; кај здравствениот преглед по вработен разликата помеѓу најниската и највисоката цена изнесува дури 530%. Во набавката на услугата за противпожарна заштита разликите се движат од договори од 23.600 денари до 2,5 милиони денари по институција.

Извештајот од мониторингот на јавните набавки и Индексот на рационалност бр.4 се достапни во делот за Извештаи. За повеќе информации ве молиме контактирајте нè на center@ccc.org.mk или на (02) 3213-513.