Размена на практики во истражувачкото новинарство меѓу Македонија и Романија

Центарот за граѓански комуникации во соработка со Романскиот центар за истражувачко новинарство од Букурешт (CRJI) ја спроведе првата етапа од проектот „Справување со корупцијата: Размена на искуства и најдобри практики во истражувачкото новинарство меѓу Македонија и Романија“. Десет новинари од македонските национални и локални медиуми во период од 03-05.10.2008 во Охрид, беа учесници на тренингот за напредни новинарски техники за истражување на корупцијата.
декември 16, 20085246

Преку интерактивна настава и вежби тренерите од CRJI, Paul Radu и Stefan Candea зборуваа за алатките и методите кои се користат во работата на истражувачките новинари и начините за темелно и прецизно истражување. Во текот на обуката новинарите се стекнаа со знаења и вештини кои ќе им помогнат во собирањето информации, работа со бази на податоци, користење на отворени извори и градење на сопствени архиви.

Пред завршување на тренингот, новинарите разговараа за можните корупциски теми на кои ќе работат во текот на наредниот период. Тие дискутираа за идеите и можностите на работа за време на престојот во романските медиуми каде активно ќе учествуваат во процесот на истражување и продуцирање на приказни со колеги од романските колеги во периодот од 03-08.11.2008. Новинарските приказни на кои ќе се работи и во Македонија и во Романија потоа ќе бидат објавени во матичните медиуми на новинарите кои се дел од проектот.

На тренингот гостуваа и претставници од Организацијата за демократија, антикорупција и достоинство од Косово, кои конструктивно се вклучија во дебатата со цел продлабочување на односите меѓу истражувачките активности во регионот.

Проектот ќе се заокружи со формирање на неформална мрежа на истражувачки новинари која, меѓу другото, ќе помогне во етаблирањето и развојот на истражувачкото новинарство во Македонија.