Пристапот до информации од јавен карактер – моќна новинарска алатка

Новинари од цела Македонија обучени за поголемо користење на правото за пристап до информации од јавен карактер во насока на поквалитетно и поиздржано информирање на јавноста Охрид, 11 ноември 2012 година – Дваесетина новинари од локални и национални медиуми учествуваа на обуките за полесен пристап до информации од јавен карактер што се одржаа од 7 до 11 ноември 2012 година во Охрид. Обуките ги водеше најистакнатиот тренер на новинари од областа на пристапот до информации од јавен карактер во Европа, Хелен Дарбишир од Access Info Europe, водечка европска организација за олеснување на пристапот до јавни информации. Покрај неа, тренер на обуките беше и Давид Кабо, специјалист за пристап до електронски бази на податоци од организацијата Civio од Шпанија, а гости-предавачи Данче Даниловска, водечки македонски експерт за остварување на правото за пристап до информации од јавен карактер и Ана Петрушева, уредник на Балкан Инсајт.
ноември 16, 20126576

Во текот на обуките учесниците беа запознаени со сите конкретни алатки и инструменти што можат да се користат за да дојдат до информациите од јавен карактер, беа разменети најразлични искуства од земјата и од странство, а се разгледа и степенот на примена, проблемите и перспективите за поголема примена на ова право и од страна на македонските новинари.

 

Во исто време, на обуките беше промовиран и познатиот Прирачник за новинари за пристап до информации, Legal Leaks Toolkit, на македонски и на албански јазик.

Обуките на новинари се дел од проектот: Пристапот до информации – извор за поквалитетно информирање, кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации, во партнерство со Access Info Europe и Балканска истражувачка мрежа на новинари (БИРН), а е финансиран од Европската Унија.