Предложени мерките за намалување на корупцијата во образованието

Центарот за граѓански комуникации дефинираше низа мерки што треба да се преземат за стеснување на просторот за корупција во образованието и ги достави до медиумите и надлежните институции во земјата. Центарот им препорачува на сите релевантни институции да ги преземат предложените мерки во светло на генералните заложби за намалување на корупцијата во Република Македонија.
декември 14, 20085051

Потребата од преземање на предложените мерки произлегува од констатираната широка распространетост на корупцијата во образованието, чие прикривање претставува сериозен проблем за македонското општество. Прикривањето на корупцијата во образованието го носи ризикот учениците да се стекнуваат со коруптивни навики уште во процесот на образованието и формирањето на нивната личност и да се деградираат образовниот систем и целата наставничка професија.

Оттука, предложените мерки се во насока на зајакнување на механизмите и институциите за заштита на учениците и студентите кои пријавуваат корупција, зајакнување и професионализација на институцијата студентски правобранител, воведување на анти-корупциска настава во основното образование, поголема вклученост на родителите во функција на обезбедување на поголема отчетност и транспарентност во работата на образовните институции, како и воведување на разни контролни механизми за спречување на коруптивните практики во образовниот процес.

Истражувањата на корупцијата во образованието покажуваат дека притајувањето на проблемот се должи на слабите институциии и механизми за заштита на студентите и учениците кои пријавуваат корупција; личниот интерес на студентите и родителите кои се инволвирани во корупција да молчат за дадениот поткуп, како и премолчената солидарност кај професорите за нивните корумпирани колеги. Препораките за намалување на корупцијата може да ги преземете од делот Препораки на нашата страница или тука.