Посета и практична работа во романските медиуми

Центарот за граѓански комуникации во соработка со Романскиот центар за истражувачко новинарство од Букурешт (CRJI) ја продолжува работата на проектот „Справување со корупцијата: Размена на искуства и најдобри практики во истражувачкото новинарство меѓу Македонија и Романија”. Во почетокот на месец ноември, новинарите кои активно партиципираат во проектот и претставници на Центарот, поминаа една недела практична работа во дел од романските медиуми. Новинари кои се дел од проектот Размена на искуства и најдобри практики се Синиша Јаков Марушиќ од БИРН, Богданка Кузеска од Канал 5, Наим Вренези од телевизија Алсат, Жарко Настоски од телевизија Алфа, Натали Наскова Сотировска од Дневник, Весна Коловска од Канал 77, Даниела Трпчевска од Утрински весник, Викторија Новаковиќ од телевизија Орбис, Срѓан Стојанчов од Шпиц и Дритон Дикена од весникот Факти.
декември 17, 20084988

За време на престојот новинарите беа распоредени во повеќе електронски, печатени и online медиуми и имаа шанса да разменат искуства со своите колеги од повеќе редакции. Особено интересна и корисна практична работа понудија дневниот весник Jurnalul National кој во својата структура вклучува и редакција за истражувачка новинарство која работи исклучиво на истражувачки теми, телевизијата Антена 3 и online медиумот Hotnews. Во работата со новинарите се вклучија и колегите од CRJI кои ги насочуваа новинарите и помагаа во истражувањето, пребарувањето на датотеките и посочија повеќе конкретни алатки корисни во процесот. Во текот на праксата новинарите собираа информации за темите кои по враќањето во Македонија ќе ги комплетираат и објават во своите матични медиуми.

Проектот ќе се заокружи со формирање на неформална мрежа на истражувачки новинари која, меѓу другото, ќе помогне во етаблирањето и развојот на истражувачкото новинарство во Македонија.

Викторија Новаковиќ новинар во телевизија Орбис

„Праксата во Романија ми беше многу корисна бидејќи научив многу техники кои ќе ми користат во новинарското истражување и сметам дека вакви размени на искуства треба да се практикуваат почесто бидејќи тоа е одличен начин за воспоставување контакти меѓу новинарите од различни делови на светот.”

Весна Коловска, новинар во Канал 77

„Престојот во Букурешт ги оствари моите очекувања. Посетив неколку редакции како и Центарот за истражувачко новинарство. Особено интересни беа искуствата на новинарите кои повеќе години работат на стории од истражувачко новинарство, кои во основа не се разликуваат многу од нашите. За работата на мојата истражувачка приказна беа посочените линкови во делот на работењето на руските компании во Романија и нивните можни врски со Македонија. Истражувањата на терен кои се во тек, очекувам да ја потврдат тезата на сторијата за присуство на валкани пари во овие инвестиции.”

Даниела Трпчевска, новинар во Утрински весник

„Целта на посетата во Романија беше работа на нашите истражувачки приказни, кои имаат одредена поврзаност со случувањата во оваа земја. Покрај прибирањето на податоци, кои ќе ни помогнат во пишувањето на сторијата, посетата на Романија ја доживеав и како шанса за запознавање со начинот на работа во тамошните медиуми и искуствата на нашите колеги. Средбите со дел од новинарите во најтиражниот весник Journalul National беше едно од најинтересните искуства, не само поради начинот на кој функционира истражувачкиот тим во медиумот кој има дури четири дневни изданија, туку и поради специфичните сектори. Особено ме воодушеви одделот за храна и вино, каде новинарите сами подготвуваат специјалитети, за кои потоа пишуваат во специјалниот додаток. Посетата на Романија ја искористив и за прибирање информации околу влезот на земјата во ЕУ и придобивките од тоа, што за нас е особено важно како искуство од земја која неодамна стана дел од европското семејство.”