Панел-дискусија „Пристапот до информации– извор за поквалитетно информирање“

  СКОПЈЕ, 11 април 2012- Центарот за граѓански комуникации организираше панел-дискусија во Информативниот центар на Европската Унија за слабата примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите. Со панел дискусијата на која земаа учество над 50 новинари и претставници на невладини организации отпочна реализацијата на проектот „Пристапот до информации – извор за поквалитетно информирање“ финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), кои ЦГК го спроведува во соработка со Access Info Europe од Шпанија и Балканска истражувачка мрежа БИРН.
април 11, 20127469

На почетокот беа презентирани резултатите од истражувањето спроведено од ЦГК помеѓу 60 водечки македонски новинари, а кои покажуваат дека дури 58% од анкетираните новинари никогаш во изминатите 6 години не побарале од некоја институција информација од јавен карактер. Помеѓу останатите доминираат новинари кои доставиле едно или две барања. Иако над две третини од новинарите сметаат дека законот може да биде корисна алатка за нив сепак на прашањето зошто не го користат како причини пред се ги наведуваат недовербата во институциите дека ќе им ги достават побараните  информации и во долгите рокови за нивно добивање.  Дека прво мораш да го знаеш своето право за да го искористиш најдобро говори податокот дека само 3% од анкетираните новинари знаат дека на усно дадено барање институциите треба да им одговорот во рок од 5 дена. Но, од друга страна анеката упатува и на сериозни слабости од страна на институциите кои според оценката на новинарите селективно и нецелосно одговараат на нивните барања за информации. Истражувањето воедно покажа и дека само 7% од анкетираните новинари го искористиле своето право на пристап до информации од јавен карактер од некоја институција на ЕУ. Притоа 28% од новинарите воопшто и не знаат за ова свое право.

Потребата од поголема транспаретност на институциите и доследно почитување на Законот за слободен пристап до информации од јавен каракер ја истакна и амбасадорот Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската Унија во своето поздравно обраќање.

Панелистите Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Александар Манасиев уредник во Дневник, Џелал Незири од Центар за истражувачко новинарство-SCOOP,  Ана Петрушева од Балканска истражувачка мрежа на новинари, Данче Данаиловска-Бајдевска од  Фондацијата отворено општество Македонија и Герман Филков од  Центар за граѓански комуникации оценија дека е непходно новинарите во иднина повеќе да го користат пристапот до информации. Сите се согласија со оценката дека слободниот пристап до информации е на пат да атрофира како инстирумент доколку се продолжи со досегашниот начин на однесување бидејќи државните институции секако се потешко ќе се откажуваат од сегашната лагодна позиција на пласирање само на оние информации кои одат во прилог на нивните интереси, а кои не се секогаш ги одразуваат и интересите на граѓаните.

На панел дискусијата беше најавено дека во рамките на проектот „Пристапот до информации – извор за поквалитетно информирање“ ќе бидат искористени позитивните искуства на старите и новите членки на ЕУ во насока на едукацијата на македонските новинари како да го користата пристапот до информации од јавен карактер во дневното новинарство , како да бараат информации не само во Македонија, туку и во другите земји во светот кои ја имаат оваа регулатива како и од европските институции. Воедно, посебен акцент ќе биде ставен и на примената на слободниот пристап до информации во истражувачкото новинарство за што ќе биде искористено големото искуство на новинарите во Бугарија, кои преку овој инструменти обелоденија низа корупциски скандали во земјата, меѓу другите и за злупотребата на парите од европските фондови.