Ново издание на „Препораките за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки“

Центарот за граѓански комуникации го издаде второто, изменето издание на Препораките за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки. Целта на препораките не е измена на прописите, туку промоција на постојните правила за јавни набавки кои, доколку соодветно се применуваат во практиката, ќе овозможат остварување на целта – олеснет пристап на малите и микропретпријатијата на пазарот за јавни набавки и заживување на локалните економии во земјата. Препораките за првпат беа објавени пред две години, во февруари 2013 година. Примарно, препораките беа изработени врз основа на сознанијата добиени од следењето на спроведувањето на јавните набавки во Република Македонија, анализата на релевантните национални прописи за јавни набавки во Македонија, на Кодексот со најдобри практики за мали и средни претпријатија изработен од Европската комисија, како и обемното истражување на практиката на договорните органи и на искуството на микропретпријатијата во областа на јавните набавки во земјава.
мај 14, 20157280

 

Сето тоа покажа недоволно учество во јавните набавки, особено според вредноста на добиените тендери, на малите претпријатија и на микропретпријатијата. Застапеноста на микропретпријатијата на пазарот на јавни набавки е мала и несразмерна во однос на нивниот вкупен број, значење и улога што ја имаат овие претпријатија во локалните средини, но и во вкупната економија на земјата. Истражувањата покажаа дека овие претпријатија се соочуваат со недоволна информираност за јавните набавки, непознавање на регулативата и на начинот на спроведувањето на јавните набавки, недоволна доверба во јавните набавки, како и со низа административни и други пречки во практиката на спроведувањето на јавните набавки.

Увидувајќи го овој проблем, и Европската Унија пред неколку години излезе со низа препораки до договорните органи на ниво на ЕУ за конкретни мерки што треба да ги преземат за да им овозможат полесен пристап до јавните набавки на помалите претпријатија. Сево ова беше причина за преземање конкретни мерки за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки и во Македонија, делувајќи двонасочно. Од една страна, преку обуки, редовно информирање, секојдневна асистенција и консултации за подготовка на понудите и учеството на тендерите – да се подобри способноста на микропретпријатијата за настап на пазарот на јавни набавки, а од друга страна, преку сугерирање препораки и одржување работилници за нивната примена – да се делува кај договорните органи да ги намалат административните и другите пречки за поголемо учество на микропретпријатијата во јавните набавки.

Во меѓувреме, во 2014 година, ЕУ изврши реформа на регулативата за јавните набавки, надополнувајќи ги Директивите за јавни набавки, пред сè, со одредби кои значат олеснет пристап за малите и микропретпријатијата до јавните набавки, преточувајќи ги на еден начин претходно издадените препораки во законски решенија.

И во Македонија, во меѓувреме, се случија серија потемелни измени во регулативата за јавни набавки. Основниот Закон за јавните набавки беше неколку пати изменет и дополнет, меѓудругото, и со низа одредби од препораките за олеснување на пристапот на микропретпријатијата до јавните набавки. Такви беа, на пример, препораките за објавување на тендерската документација бесплатно и истовремено со објавување на огласот на јавната набавка, препораката да не се бараат банкарски гаранции на понудата кај набавките од најмала вредност и дел од препораката за поставување на пропорционални критериуми за учество во постапките за јавни набавки.

Покрај тоа, мониторингот на спроведувањето на препораките од страна на договорните органи покажа извесно унапредување кај спроведувањето на другите препораки (на пример кај определувањето на разумни рокови за фирмите за изработка и поднесување на понудите), но и простор за натамошни подобрувања во насока на поголемо учество на малите и микропретпријатијата во јавните набавки, а по примерот на земјите од ЕУ и во насока на укажувањата од самите микропретпријатија.

Ова ја наметна потребата од ревизија на досегашните препораки и нивно менување и дополнување со цел да се ажурираат оние препораки кои веќе станаа законска обврска, да се реафирмира примената на оние препораки кои досега се спроведуваа понедоследно од страна на договорните органи и да се надополнат со некои нови препораки кои се покажаа како потребни при анализата на регулативата и практиката на спроведување на јавните набавки.

Препораките се структурирани на следниот начин:

1. Резултати што се очекуваат да се постигнат доколку се применува препораката во практиката, и тоа и за микропретпријатијата, и за договорните органи.

2. Упатување кон конкретните одредби од прописите (ЗЈН или подзаконски акт) кои овозможуваат остварување на препораките, односно потврда дека тие се законски засновани.

3. Елаборација на препораката преку објаснување на проблемот, односно на прашањето на кое се однесува препораката, начинот на кој препораката треба практично да се реализира и придобивките од нејзината примена.

Препораките, пред сè, се наменети за договорните органи. Сепак, се очекува тие да бидат земени предвид и користени и од страна на микропретпријатијата на кои исто така директно се однесуваат дел од препораките.

Препораките се изработени и се предлагаат во рамките на Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки чија цел е да го олесни пристапот на малите и на микропретпријатијата до пазарот на јавни набавки, придонесувајќи кон нивниот поодржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Од друга страна, на договорните органи проектот треба да им овозможи постигнување пониски цени и повисок квалитет во јавните набавки. Проектот се спроведува во 35 општини од источниот, вардарскиот, североисточниот и југоисточниот регион.