Истражување на водата за пиење

КУБИК ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ВО БОГОВИЊЕ ПЛАЌААТ ПО 7,5 ДЕНАРИ, А ВО КОЧАНИ ПО 49 ДЕНАРИ Денес, 11 јули 2024 година, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за цените, потрошувачката и загубата на водата за пиење во земјава. Истражувањето покажа дека:- Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе.
јули 11, 20241141

– Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

– Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.

– Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно.

– Од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода за пиење, се губат повеќе од половина, односно 146 милиони кубни метри.

– Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје, дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјава. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.

– 44 % од 67-те снабдувачи со вода за пиење лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра.

– Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга.

– Кај 72 % од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40 %.

До целото истражување може да се пристапи преку следниот линк.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.