Извештај од мониторингот на јавните набавки и Индекс на рационалност бр. 5

Центарот за граѓански комуникации денеска ги објавува резултатите од редовниот мониторинг на јавните набавки во земјава за периодот од јануари до март 2012 година, како и Индексот на рационалност бр.5.При мониторингот на јавните набавки во првиот квартал од 2012 година, меѓу другите, констатирани се следниве клучни забелешки: -Договорните органи свесно или несвесно придонесуваат кон отежнато учество на фирмите во постапките за јавни набавки и со тоа кон намалување на конкуренцијата што е еден од принципите на јавните набавки. Во 52,5% од мониторираните постапки биле доставени не повеќе од две понуди.-Поставување на непропорционални и дискриминаторски критериуми за утврдување на економско-финансиска и техничка способност на понудувачите. Во значаен дел од мониторираните тендери, на фирмите им се бараа годишни приходи кои се од 10 до 27 пати поголеми од вредноста на набавката.-Процентот на постапки во кои била закажана, но не се спровела електронска аукција изнесува високи 35%. Кај повеќето од нив не постоеле услови за закажување на е-аукција бидејќи била доставена само една понуда или само една фирма ги исполнила критериумите за квалификација.-Вредноста на договорите склучени со преговарање без објавување на оглас во првиот квартал од 2012 година изнесува околу 12 милиони евра што е скок од 26% во однос на истиот период минатата година.
август 22, 20126893

Индексот на рационалност бр. 5 што е изработен за услугите: агенциска провизија за привремени вработувања, воведување на ИСО 9001 стандард за квалитет, миење на возила, како и за набавка на антифриз за возила укажува на сериозни разлики во цените. Агенциската провизија за привремените вработувања во државните институции се движи од 0,24% до 12,98% од бруто-платата на вработените; цените за услугата за воведување на ИСО 9001 стандардот за квалитет се движи од 109.773 денари до 413.000 по институција; еден литар антифриз за возила се купува по цени од 56 денари до 127 денари и годишниот трошок за миење на едно возило кај министерствата се движи од 3.471 до 33.334 денари. Разликите во цените во најголем  дел од случаите не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, ниту со вредноста на договорите. Оттука констатираните високи разлики во цените оставаат сомнеж дека во постапките за јавни набавки е можно да постојат некои други фактори кои влијаеле врз цените. Имајќи го сето ова предвид, се апелира до договорните органи, и на национално и на локално ниво, да работат посериозно врз подобрување на рационалноста во трошењето на јавните пари и врз обезбедување ,најдобра вредност за потрошените пари‘.

Извештајот од мониторингот на јавните набавки и Индексот на рационалност бр.5 можете да ги преземете во делот за Извештаи. За повеќе информации ве молиме контактирајте нè на center@ccc.org.mk или на (02) 3213-513.