За експлоатација на минералните суровини државата наплатува само 8 милиони евра годишно

Денес, 13 април 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на доделени концесии за минерални суровини за 2019 година. Концесија за користење минерални суровини имаат добиено вкупно 264 фирми. Издадени се вкупно 358 вакви концесии, а површината на земјата која е опфатена со овие концесии е 349 километри квадратни, што е 1,4 % од вкупната територија на државата.
април 13, 20214536

 

Вкупно се експлоатираат 50-тина видови минерални суровини. Најмногу концесии се издадени за експлоатирање на варовник, 110, за вода, 47 и за песок и чакал 43 концесии.

Територијално, најмногу концесии се издадени за експлоатација на суровини на територијата на општина Прилеп, вкупно 32. Следат општина Гостивар со 21 концесија, Струга со 18 концесии и Сопиште со 15 концесии.

Најмногу концесии по девет, имаат Цементарница УСЈЕ од Скопје и градежната фирма Гранит од Скопје. Следна фирма, со шест концесии е МИСА-МГ од Скопје, а пет концесии има Кнауф Радика од Дебар.

За добиените концесии се плаќа надомест по две основи: за користење на површината и за експлоатираните количини. По првата основа, годишно се прибираат само околу 800 илјади евра, додека по втората основа, за количината на експлоатираната суровина се прибираат 7,4 милиони евра. Или вкупно по двете основи се прибираат околу 8,2 милиони евра.

Најголем надомест плаќаат рудникот Саса, 2,2 милиони евра годишно и рудникот Бучим 1,2 милиони евра годишно. Тие заедно плаќаат дури 43 % од вкупните пари што се слеваат во државната каса за експлоатацијата на суровините.

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 830 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/.