Дебати за примена на правото на пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите

  Повеќе од 40 новинари од локални медиуми од цела Македонија учествуваа на четирите дебати за поголема примена на правото на пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите што се одржаа во октомври во Битола, Охрид, Штип и Велес. Повод за дебата беа резултатите од истражувањето што го спроведе Центарот за граѓански комуникации за примена на ова право меѓу македонските новинари. Истражувањето покажа недоволна примена и познавање на новинарите на правото за слободен пристап до јавните информации. Новинарите, исто така, ја оценуваат како тешка и достапноста до информациите од јавен карактер, а како проблеми ги изразуваат недовербата во институциите дека ќе ги достават бараните информации и долгите рокови за добивање одговор.
октомври 29, 20126657

Во рамките на истражувањето се спроведе и тестирање на институциите како одговараат на новинарските барања. Од доставените 40 барања од новинари, само 37,5% од институциите ги доставија бараните информации.

Зборувајќи отворено за причините за слабото користење на правото за пристап како моќна алатка за попрофесионално новинарско информирање, учесниците низ дискусиите ги потврдија целосно надоите од истражувањето и истакнаа дека не користејќи го ова право  придонеле кон уште поголемо затворање на институциите.

Од друга страна, дел од учесниците истакнаа дека нема последици за институциите што не даваат одговори и побараа поактивна улога во таа насока на комисијата за заштита на правото за пристап. Проблем со кој често се соочуваат новинарите од локалните средини е неможноста да добијат информации од подрачните единици на националните институции кои за одговор на прашањата ги препраќаат во седиштата во Скопје.

Учесниците истакнаа и серија други проблеми при барање информации како инсистирање на институциите на барањата да има потпис и печат од медиумот, образложение зошто им е потребна информацијата и сл. Особено проблематичен за новинарите е рокот од 30, односно 40 дена до кој институциите треба да одговорат на барањата, што е еден од најдолгите во регионот и воопшто во Европа. Се побара негово усогласување со другите европски земји.

Учесниците на дебатите целосно застанаа зад предложените препораки до новинарите, медиумите и институциите за поголема примена на правото на пристап до информации од јавен карактер. Во оваа смисла особено беше истакната потребата од натамошна едукација и на новинарите и на вработените во институциите за доследно почитување на законот.

Инаку, споменатото истражување и дебатите со новинарите се дел од проектот „Пристапот до информации – Извор за поквалитетно информирање“, кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Access Info Europe од Шпанија и БИРН – Македонија, а е финансиран од Европската Унија.

Во рамките на проектот во ноември ќе се одржи обука за новинари за поголема примена на правото на пристап, преведен е на македонски и на албански јазик Прирачникот за новинари – Legal Leaks Toolkit, ќе се организира студиска посета во Бугарија, ќе се изработат предлози за законски измени, ќе им се помага на новинарите во практична примена на правото за пристап и ќе се пушти во функција посебна интернет страница за олеснување на користењето на ова право од страна на македонските новинари.

Истражувањето може да се преземе ТУКА.