roekt Korupcija – Натали Наскова Сотировска
За кампањата „Ти си Македонија”, која е пресликана од „Ти си Германија”, се трошат државни пари и се форсираат антички корени на Македонците, а германската била критикувана дека праќа „националсоцијалистички пораки” и не добила ниту едно евро буџетски пари
Околу шест милиони евра лани ја чинеле државата петнаесетината кампањи на Владата, а исто толку пари за оваа намена биле потрошени и во 2007 година. Овие неофицијални пресметки би биле валидни само ако се земат како точни скудните информации од владините функционери дека една кампања „ѓутуре” чини околу 400.000 евра. Пред повеќе од една година, на почетокот на кампањата „Знаењето е сила, знаењето е моќ”, премиерот Никола Груевски, прашан за цената, упати на „рамка од околу 400.000 евра”. Оттогаш, таа сума се посочувана како рамка за сите досега спроведени кампањи.Но, во шесте милиони евра државни пари не се пресметани и многубројните кампањи на министерствата, за кои исто така нема отчет колку ги чинат граѓаните. Владини извори велат дека кампањите се спроведуваат за подигање на свеста на граѓаните за прашања важни и за нив и за државата. Притоа, се повикуваат на слични кампањи што се водат во земјите на ЕУ и во САД, а кои се многу поскапи од домашните.
ОД ПЛАТА ДО ЕТИКА
Владата лани објави тендери за осмислување и реализација на 15 кампањи. Во февруари почна постапка за кампањата за зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето. Граѓаните беа бомбардирани и со разни ТВ-спотови и објави во весниците за се’ што Владата го смета за свој успех. Пред изборите неколкупати беше емитуван и првиот спот од серијалот „Ти си Македонија” со Александар Македонски. По критиките дека се злоупотребува предизборниот период за рекламирање на Владата со државни пари, овој спот, како и сите други кампањи, беше стопиран. Во тој период се реализираа кампањите „Образованието е сила, образованието е моќ” со Алберт Ајнштајн и Никола Тесла, „Ти си Македонија”, кампањите за трето дете и за бенефициите за здравствени ординации во рурални средини. Во мај, пет дена откако почна изборната кампања, Владата објави дека ги прекинува сите реклами, а опозицијата обвини дека тие само во последните 30 дена чинеле 700.000 евра. Останаа само пораките на билбордите, затоа што биле закупени и платени пред изборната кампања. Владините кампањи ќе запрат и пред претстојните претседателски и локални избори закажани за 22 март. Премиерот Груевски вчера најави дека „иако не е обврзана, Владата ќе ги прекине кампањите веднаш штом ќе бидат распишани изборите”.
Веднаш по ланските избори, владините кампањи продолжија, а во август, по забрзана постапка, Владата распиша тендер за кампања за промоција на значењето и на ефектите од развојот и употребата на информатичката технологија под мотото „Македонија – земја на информатичари”. Темпото на нарачување кампањи се засили кон крајот на годината. Во септември почнаа постапки за две кампањи – првата за промоција на придобивките од реформата во финансирањето на системот за социјално осигурување, персонален данок на доход и воведување на концептот на исплата на бруто-плата, а втората, под мото „Македонија пред се’“, за зголемување на националната свест. Во октомври следеа тендери за кампања за борба против корупцијата и кампања „Истражи ја Македонија”. Во ноември почнаа постапки за кампањи за промоција на етика и етичко однесување, за борба против алкохолизмот, за промоција на ин витро оплодување и за јавна чистота и отпад.
Пред крајот на годината во „Службен весник” се појавија огласи за осмислување и реализација на кампања за поттикнување на граѓаните да читаат книги, кампања за оптимизам и за почитување на добрите вредности, но и кампањи за борба против дрогата и против пушењето.Владата поведе петнаесетина кампањи и во 2007 година. Тогашниот владин портпарол, сега вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, најави дека Владата планира медиумски кампањи за сите поважни мерки од програмата за преродба. Според најавите, целта на кампањите не била рекламна, туку едукативна – преку нив требало да се едуцира јавноста за „сите иницијативи во врска со мерките во програмата на Владата кон сеопшта демократска и економска преродба”.
„ДУ БИСТ ДЕУТСЦХЛАНД”
Една од најдолготрајните и најскапи кампањи, кои содржат повеќе спотови со различни содржини „Ти си Македонија”, почна со распишување тендери во декември 2007 година. Целта била да се влијае на враќање на почитта и индивидуализмот кај македонските граѓани. Според образложенијата од Владата, со кампањата „Ти си Македонија”, кај граѓаните требало да се врати самодовербата и довербата во институциите. Владини претставници тврдеа дека на државата и’ е потребна помош од силни, одговорни и активни поединци и индивидуални вредности што ќе фатат приклучок кон заедничката визија за Македонија како подобро место за живеење. Според Владата, кампањата била неопходна оти индивидуалната одговорност и енергија се претопиле во „пасивност, бездушност и апатија, што има негативен повратен ефект врз целокупниот прогрес на државата”. Кампањата трае и денес.
На критиките дека Владата троши пари од буџетот на скапи кампањи со кои не прави ништо друго освен што се саморекламира, таа се повика на искуства со слични кампањи во земји на ЕУ и во САД. Притоа, беа посочувани кампањи што се спроведуваат во земјите на ЕУ, објавени на специјализираната интернет-страница „ЕУ Тубе”, на која се објавени сите кампањи. Но, за разлика од нашите, во кампањите на земјите на ЕУ не се спомнуваат успесите на владите на тие земји, туку се даваат корисни информации за заштита од СИДА, за заштита на животната средина, за младите, културата…
Кампањата „Ти си Македонија” е фактички пресликана од германската Ду бист Деутсцхланд, која исто така имала за цел да го подигне националното чувство и позитивното размислување кај германскиот народ. Но, таму кампањата не ја организирала германската влада, туку само им дала поддршка на 25 медиумски организации предводени од гигантот „Бертелсман”. И покрај тоа, кампањата предизвикала многу контроверзи и критики во Германија во текот на прикажувањето од септември 2005 година до февруари 2006 година, па дури била обележана и како „националсоцијалистичка”.
Три илјади информации дневно
Човечкиот мозок може да прими околу 3.000 информации дневно, но за да ги запомни тие мора да се интересни и да ја засегаат личноста. Во спротивно, ако пораките се небитни, некреативни или не привлекуваат внимание, луѓето ги игнорираат, објаснува Сашо Пешев од маркетинг-агенцијата „Њу момент”.
– Какви и да се пораките што се праќаат преку кампањите, луѓето ќе ги примат ако тие често се повторуваат. Меѓутоа, нивното влијание зависи од тоа како се направени. За разлика од комерцијалните реклами, кои предизвикуваат директна акција (зголемено купување на одреден производ, на пример), кај кампањите од погенерален карактер не може да се очекува таков активен однос. Сепак, секоја кампања има ефект. Но и преголемиот број кампањи и нивно пречесто емитување може да доведат до заситеност, а ако се претера со нив, може да дојде и до нивно игнорирање, па дури и еден вид отпор. Најбитно е кампањите да се креативни и да го привлекуваат вниманието – вели Пешев.„Њу момент” е креатор на спотот за Ајнштајн од владината кампања „Знаењето е сила, знаењето е моќ”.
Натали Н. Сотировска Игор К. Илиевски