База на податоци: Пожарникари и противпожарни возила 2020

ИМАМЕ 536 ПОЖАРНИКАРИ ПОМАЛКУ ОД ЗАКОНСКИ ПОТРЕБНИТЕ Денеска, 17 февруари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци за бројот на пожарникари и за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава заклучно со 31 декември 2019 година. Истражувањето открива дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на Скопје. Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари. Кога станува збор за возилата, противпожарните единици располагаат вкупно со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години и 68 % од нив се од минатиот век. За споредба, според истражувањето од пред точно една година, бројот на возила изнесуваше 220, просечно стари 27 години. Исто така, последното истражување на возилата на министерствата и општините покажа дека нивната старост, пак, е 12,5 години.
февруари 17, 20208110

 

Ова истражување е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, посетете ја нашата веб-страница: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.

БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ

Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 640 милиони долари во Република Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е најзначајната меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до резултати во развојот. Работата на УСАИД носи напредок во националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја покажува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации, посетете ги нашите веб и Facebook страници: https://www.usaid.gov/north-macedonia и https://www.facebook.com/USAIDNorthMacedonia/