Одржана консултативна округла маса за ажурирање на Националниот БЗР профил и подготовка на ГАП анализа
- март 30, 2026
- Posted by: bitsia
- Category: Uncategorized
На 26 декември 2025 година, во хотел „Континентал“ во Скопје, се одржа консултативна округла маса посветена на ажурирањето на Националниот профил за безбедност и здравје при работа (БЗР) и подготовката на ГАП анализа на трудовата законска рамка. Настанот обедини 29 учесници од релевантни институции, организации, академската заедница и социјалните партнери.
На состанокот присуствуваа и универзитетските професори д-р Агим Шакири и д-р Лазар Јовевски, како и претставници на проектниот тим, предводен од националниот проектен координатор и проектната асистентка. Активно учество зедоа и членови на Управниот одбор, како и претставници од синдикати, работодавачки организации, стручни здруженија и институции.
Во воведниот дел беше презентиран напредокот на проектните активности, со осврт на досегашната реализација и плановите за наредниот период. Посебен фокус беше ставен на стратешкото значење на Националниот БЗР профил како основа за креирање политики, координација и насочени интервенции во системот за безбедност и здравје при работа.
Во рамки на презентацијата, проф. д-р Агим Шакири ги претстави клучните аспекти на БЗР профилот, вклучително институционалната и законската рамка, улогата на главните актери, состојбата со инспекцискиот надзор, како и предизвиците во однос на статистиката, истражувањата и пријавувањето на повреди и професионални заболувања. Беше нагласена потребата од подобра координација меѓу институциите, како и од зајакнување на ресурсите и превентивните механизми.
Учесниците беа повикани активно да се вклучат во процесот на ажурирање на Националниот БЗР профил преку споделување на сопствени искуства, податоци и препораки, со цел создавање сеопфатен и релевантен документ.
Во продолжение, проф. д-р Лазар Јовевски го претстави пристапот за изработка на ГАП анализата, која ќе опфати детална проценка на усогласеноста на националното законодавство со меѓународните стандарди и европското законодавство во областа на БЗР. Анализата ќе се темели на конвенциите на Меѓународната организација на трудот и релевантните директиви на Европската Унија, со цел идентификување на слабостите, празнините и можностите за унапредување.
Беше истакнато дека процесот ќе вклучува широка консултација со засегнатите страни, анализа на постојните закони и практики, како и подготовка на конкретни и применливи препораки за подобрување на законодавната и институционалната рамка.
Во рамки на настанот беше презентиран и Помошниот пакет на Меѓународната организација на трудот за изработка на законодавство за БЗР, кој претставува практична алатка за поддршка на државите во процесот на усогласување со меѓународните и европските стандарди. Алатката, која наскоро ќе биде достапна и на македонски јазик, нуди систематски пристап за анализа и развој на законодавството, со акцент на превенција, социјален дијалог и јасно дефинирање на улогите на институциите.
Во дискусијата, учесниците предложија воспоставување поефикасна комуникација и координација, вклучително и споделување на писмени предлози и формирање на заеднички комуникациски канал. Настанот заврши со заклучок дека ажурирањето на Националниот БЗР профил и изработката на ГАП анализата претставуваат клучни чекори кон унапредување на системот за безбедност и здравје при работа во државата, со крајна цел создавање побезбедна и поздрава работна средина за сите.






