Презентирана ГАП анализа за усогласеноста на националното законодавство за БЗР со ЕУ и конвенциите на МОТ
- март 30, 2026
- Posted by: bitsia
- Category: Uncategorized

На 27 февруари 2026 година се одржа настан посветен на презентација на ГАП анализата за степенот на усогласеност на националната законска и институционална рамка за безбедност и здравје при работа (БЗР) со европското законодавство и клучните конвенции на Меѓународната организација на трудот – бр. 155, 161 и 187.
Презентацијата ја одржа проф. д-р Лазар Јовевски, кој истакна дека анализата е изработена преку комбиниран квантитативен и квалитативен пристап, со примена на аналитички и компаративен метод. Во фокусот беа македонскиот Закон за БЗР, Законот за работни односи и Законот за здравствена заштита, како и повеќе подзаконски акти поврзани со работната опрема, хемикалии, проценка на ризик и други области.
Во рамки на наодите беше посочено дека постојната законска рамка е делумно усогласена со европските стандарди и МОТ конвенциите, но се соочува со сериозни предизвици во практичната примена. Како главни слабости беа издвоени недоволната информираност кај работодавачите и работниците, ограничените капацитети на инспекциските служби, формалното спроведување на проценката на ризик и отсуството на унифицирана национална база на податоци.
Дополнително, беше нагласено дека постојниот закон не ги опфаќа современите форми на работа како работа од далечина, хибридни модели, дигитални платформи и други атипични облици на ангажирање.
Како клучна препорака од анализата беше посочена потребата од донесување нов закон или темелна ревизија на постојниот, како и зајакнување на инспекцискиот надзор, подобрување на подзаконската регулатива, унапредување на едукацијата и социјалниот дијалог, и воспоставување систем за национална евиденција и анализа на податоци.
Настанот ја потенцираше важноста од интегриран пристап во реформите на системот за БЗР, со цел создавање поефикасна правна рамка и развој на култура на превенција во работните средини.