Одржан прв состанок на Управниот одбор на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“
- март 30, 2026
- Posted by: bitsia
- Category: Uncategorized

На 11 септември 2025 година, во просториите на Министерството за економија и труд, се одржа првиот состанок на Управниот одбор на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“. На состанокот присуствуваа 13 членови на Управниот одбор, номинирани претставници од релевантни институции и организации, како и претставници на донаторот и проектниот тим.
Во својство на набљудувачи, присуствуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија и имплементаторот Меѓународната организација на трудот (МОТ), како и проектниот тим кој го сочинуваа националниот проектен координатор и проектната асистентка.
Состанокот започна со кратко претставување на присутните, по што едногласно беше усвоен предложениот дневен ред. Во рамки на состанокот беше одбран и претседавач на Управниот одбор, согласно предвидените процедури.
Пред членовите беше презентиран проектот, кој го спроведува МОТ со финансиска поддршка од Европската Унија. Проектот има вкупен буџет од 2,88 милиони евра и ќе се реализира во периодот од мај 2025 до октомври 2028 година. Неговата главна цел е унапредување на националниот систем за безбедност и здравје при работа, како и промоција на култура на превенција.
Беа презентирани и основните наоди од иницијалниот извештај, при што беше истакнато дека веќе е формиран проектниот тим, воспоставена е канцеларија и реализирана е иницијална мисија со повеќе од 15 институции. Во тек се активности за подготовка на стратегија за комуникација, како и подготовка за официјално започнување на проектот.
Како дел од понатамошните активности, во следните шест месеци се планира усвојување на комуникациската стратегија, спроведување на законодавна анализа, ажурирање на националниот профил за безбедност и здравје при работа и организирање трипартитни консултации. Официјалното започнување на проектот ќе се одржи на 11 ноември 2025 година, со цел обезбедување поголема видливост и присуство на високи претставници.