Ванхауте: Реформите во медиумите ќе опстојат само ако има политичка волја

Ванхауте Фото: Мета

 

Понатамошен значаен напредок може да се постигне за неколку години, под услов Владата, а особено надлежниот министер, да останат вклучени во поддршката на слободното и професионално медиумско опкружување – вели белгискиот експерт во интервјуто за „Вистиномер“ и „Мета.мк“.

 

 

Питер Ванхауте, медијаторот во разговорите меѓу политичките партии за време на процесот за постигнување на Договорот од Пржино неодамна престојуваше во Македонија по втор пат откако ја заврши својата мисија во 2016 година.

Еднаш беше по покана на ЗНМ во јуни 2017 година, веднаш по назначувањето на новата Влада, а сега како дел од тимот што ја подржа работилницата за спроведување на Итните реформски приоритети, организиран од Владата а инициран од Републиканскиот институт од САД. Можноста ја искористивме да поразговараме со Ванхојте за реформскиот процес во Македонија, фокусирано пред се на реформите во медиумите.

Веќе некое време сте надвор од Македонија. Свесен за ситуацијата во медиумите за време на вашиот престој и вашата вклученост во медиумските реформи, може ли да видите подобрување? Ако да, во кои сектори: МРТВ, печатените медиуми, законодавство …?

Кога заминав пред неколку години, состојбата со медиумите беше многу лоша, главно поради тоа што беше целосно контролирана од Владата. Денес, гледаме дека има подобрување. Целокупната атмосфера, вклучително и во медиумите, е многу порелаксирана. Новиот Закон за медиуми сигурно може да придонесе за дополнителен напредок. Сепак, има уште многу работа да се направи.

Новиот закон се уште е премногу напишан од перспективата, дека ако не се покорувате, треба да бидете казнети. Таквиот рестриктивен пристап не е добар. Наместо тоа, ние мораме да инвестираме многу повеќе енергија во зајакнувањето на медиумите, вклучувајќи ги и сопствениците на медиумите и новинарите, да го прават она што е исправно. Казните треба да се заменат со медијација. Ако има проблем, треба да се разговара и да се договорат компромисни решенија. Верувам дека ова е изводливо и треба да биде дел од навистина професионално медиумско опкружување.

Ситуацијата во печатените медиуми останува проблематична, како што е случај и во целиот свет, поради транзицијата кон електронските медиуми. Сепак, веројатно има премногу печатени медиуми во Македонија за да бидат одржливи. Затоа субвенционирањето на печатените медиуми не е добра идеја, но мора да прифатиме дека во блиска иднина ќе ни бидат потребни помалку, но профитабилни печатени медиуми.

Ситуацијата со МРТВ исто така останува комплицирана. На МРТВ итно и треба солиден реформски план, вклучувајќи ја и целосната модернизација на радиодифузерот, со помлади вработени и веројатно помалку, со нова опрема и јасна визија за нејзината улога во денешното општество. Политичката контрола воспоставена со закон може да биде предност, но во реалноста честопати е контрапродуктивно – политиката е на прво место наместо медиумите.

 

ЗА МРТВ Е ПОТРЕБЕН ПОСЕБЕН ФИНАНСИСКИ ПЛАН

Дали новиот предложен закон за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги може да гарантира, да биде добра база за реформи за јавниот радиодифузер? Ако не, што треба да се направи за да се елиминираат потенцијалните пречки за успешни реформи во јавниот радиодифузен сервис?

Новиот закон за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е добра почетна точка за реформите во јавниот радиодифузен сервис. Меѓутоа, остануваат уште две клучни прашања: финансирањето на радиодифузерот и назначувањето на членови на програмскиот совет. За финансирањето да биде ефективно, неопходно е прво биде договорен солиден стратешки план, како и финансиски план за тоа како да се модернизира и реформира јавниот радиодифузен сервис. Финансирањето треба да се заснова на овој финансиски план. Постапката за избор на членовите на Програмскиот совет содржи неколку добри елементи, како што е и случајот со регулаторната медиумска агенција.

Сепак, слабата точка останува процесот на селекција од страна на Собранието. Овој процес не е навистина ефикасен, освен ако парламентот не воспостави прво професионален и независен процес на селекција пред конечна (политичка) одлука за членовите на Советот. Само ако некој може да избира помеѓу неколку подеднакво компетентни кандидати, ќе има гаранција за помалку политизиран Совет. Најдобрата опција би била да се формира високо професионално независно тело за селектирање, вршејќи селекции за целата државна служба, вклучувајќи ги и луѓето што ќе бидат назначени од парламентот. И по правило, состаноците на парламентот треба да се ограничат на апсолутен минимум.

Дали имате примери за успешни реформи во јавниот радидифузен сервис во мултикултурното општество како што е нашето?

Тешко е да се најдат споредливи примери на успешни реформи на јавните радиодифузери, со оглед на специфичниот контекст на одделни земји. Меѓутоа, би било интересно да се изучува белгискиот начин на кој јавните радиодифузери се организирани, финансирани и контролирани од парламентот, додека во исто време нивната независност е загарантирана. Политичарите никогаш не смеат да се мешаат во работата на радиодифузерот, но мора да гарантираат дека, врз основа на добро дефинирана долгорочна визија, јавните радиодифузери ќе останат предводници на јавната комуникација.

Дали мислите дека може да биде постигнат значителен напредок и во која временска рамка?

Понатамошен значаен напредок може да се постигне за неколку години, под услов Владата, а особено надлежниот министер, да останат вклучени во поддршката на слободното и професионално медиумско опкружување. Начинот на кој акуелниот министер за медиуми спроведува отворен дијалог со медиумите е одлична можност за промени.

За новинарите, сепак е важно да се размисли за воведување на систем за акредитација, како што постои и на други места во Европа. Таквиот систем, вклучувајќи ги и прес-картичките, треба да биде целосно управуван од самите медиуми. Тоа ќе послужи како добра заштита за новинарите, бидејќи може да се идентификуваат кога е потребно, но исто така треба да се сметаат за гаранција дека новинарите со новинарска картичка се вистински професионалци, дури и во однос на уредниците. Во случај новинарот да не ги почитува основните стандарди на професионално новинарство, прес-картичката може да биде отповикана привремено или трајно. Професионално тело, како што е Советот за етика, може да одлучи за таквите мерки кога е потребно. Воведувањето на систем за акредитација ќе им овозможи и на новинарите на интернет порталите да бидат препознаени како професионалци.

 

НАПРЕДОКОТ НЕ Е ДОВОЛЕН ВО НЕКОИ КЛУЧНИ ОБЛАСТИ

Какво е вашето мислење за целокупниот реформски процес во Македонија, во врска со извештајот на Прибе 1 и 2 и сите прашања се покренати за време на процесот на Пржино и вашата медијација?

Постигнат е напредок во однос на реформскиот процес. Сепак, во некои клучни области напредокот сè уште не е доволен. Судските реформи остануваат многу проблематични. Верувам дека има потреба прво да се заменат одредени членови на Судскиот совет и да се започне со темелен процес на проверка на целиот систем, вклучувајќи и оценување на сите судии.

И на крајот, сите ние треба да прифатиме дека луѓе ќе бидат отпуштени, ако тие не работат како вистински професионалци. Тоа е единствениот начин да се оди напред. Да не заборавиме дека, без оглед на важноста на реформските приоритети, вистинските приоритети на граѓаните денес се на друго место. Станува збор за правото на благосостојба, просперитетна економија, чиста животна средина, професионален образовен систем и здравствен систем кој е достапен за сите.

Пак дојдовте во Скопје – на што се должи тоа?

Во последниве неколку недели се вратив во Скопје за да ја поддржам работилницата за спроведување на итни реформски приоритети од страна на Владата, иницијатива на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), која се покажа како многу корисна. Покрај тоа, заедно со некои од моите контакти во Македонија, разгледувавме начини за понатамошна стабилизација на ситуацијата и на регионално ниво. Останува уште многу работа да се направи, со фокус на економскиот развој, здравството и образованието, кои се вистински итни приоритети за сите граѓани.

Т.Б. – З.А.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.