Контраспин: Верниот македонски народ е слободомислечки, Владико!

Владика Агатангел. Фото: Повардарска епархија, веб страна

Агатангел, иако својот живот го посветил на Бога и на Црквата, се разбира, е и граѓанин на Република Македонија со свое гласачко право. Тој, како и секој друг граѓанин, особено ако е јавна личност, има право да изнесува јавно свои ставови околу секое прашање за кое што мисли дека е актуелно, особено ако нагласи дека неговите ставови не се ставови на Црквата, туку лични.
Но, не е во ред кога Владика, изнесувајќи ги своите ставови се служи со полувистини, извртени вистини или невистини

 

Агатангел, иако својот живот го посветил на Бога и на Црквата, се разбира, е и граѓанин на Република Мsdsdsdsdsакедонија со свое гласачко право. Тој, како и секој друг граѓанин, особено ако е јавна личност, има право да изнесува јавно свои ставови околу секое прашање за кое што мисли дека е актуелно, особено ако нагласи дека неговите ставови не се ставови на Црквата, туку лични.
Но, не е во ред кога Владика, изнесувајќи ги своите ставови се служи со полувистини, извртени вистини или невистини

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Владиката г. Агатангел, упати писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое можат да се забележат повеќе спинови, од кои тука изнесуваме три:

Спин: Во моментов е потребна смиреност, интелигентност и решителност. Посилниот може да ни ја одземе слободата, но никако не може да ни го одземе достоинството. Послабиот победува доколку правилно го користи умот и предадено ја живее добродетелта. Добриот Бог отсекогаш ги штител онеправданите и угнетените. Ова, ние Македонците најдобро го знаеме. Векови на страшни погроми и геноциди сме поминале, но нашите предци, бивајќи под Божја закрила, ниту се асимилирале, ниту, пак, исчезнале од историската сцена. Напротив, без никаква помош и туторство се организирале и ја повеле борбата за национална и црковна слобода на македонскиот народ.

[Извор: Република – Агатангел:Целиот чесен…, датум: 31.07.2018]

Контраспин: Единственото точно од целиот овој исказ на владиката Агатангел е дека во моментов навистина е потребна смиреност, интелигентност и решителност. Сето друго е емотивно спинување и поигрување со чувствата на читателите на ова писмо, вклучувајќи го и самиото Мицкоски.

За какво одземање на слобода од страна на посилниот говори владиката Агатангел во меѓуповрзан свет во 21-от век? Кој тоа сака да ни ја одземе слободата? Мисли ли на физичката слобода? Или, пак, мисли на слободота на одлучување. Ако е тоа оваа втората, тогаш граѓаните на Република Македонија треба да имаат слобода на избор. Во демократијата тоа се решава преку гласачка кутија каде се избира или се отфрла нешто, вклучувајќи го и референдусмкото прашање.

Второ, кој навистина му го одзема достоинството на македонскиот народ? Може да биде точно и сигурно оти е така: недостоинствено е по барање од соседот да излезеш и да гласаш за промена на името на твојата земја. Но, дали е соседот виновен што земските водачи на македонскиот народ и на сите други граѓани ја довеле земјата и луѓето во толку недостоинствена позиција? Дали соседите, Грците, на пример, се виновни што голем дел од земските водачи во Македонија со децении од независноста досега размислувале, пред сè, за личното богатење? Вклучувајќи го и богатењето со коруптивни пари од грчки бизнисмени! И притоа, после нивното владеење, недостоинствено, обично оставале пустош – од економија, образование, здравство, до социјална грижа?

И кога земјата, сосе луѓето во нејзе, после три децении од „своите“ политичари се доведени до крајно недостоинствена позиција во својот секојдневен живот, принудени спасот да го бараат надвор од Македонија, без оглед дали со високо образование или необразувани, навистина е прашање дали е поважно тоа достоинство или достоинството што можеби ќе се загуби на момент ако дојде до промена на името на државата, со цел да се одблокираат вратите од Европа и светот.

Оттука, во тој контекст гледано, треба да го послушате Агатангел:
Послабиот победува доколку правилно го користи умот и предадено ја живее добродетелта!

 

САМО ГЛУПОСТА МОЖЕ ДА ЈА ОДДУВА МАКЕДОНИЈА

 

Спин: Бидете и Вие на правата страна и отворено пред целиот свет и пред сета македонска јавност повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ.

Контраспин: Во оваа изјава на владиката има повеќе извртени вистини. Првата е повикот до Мицкоски да биде „на правата страна“. Од каде може, освен ако не само со Божје провидение, владиката Агатангел да знае дека „правата страна“ е бојкот?

Второ, од каде владиката Агатангел го вади тврдењето дека референдумот што нè очекува во блиска иднина е „наместен“? Дали владиката Агатангел се повикува на некoја пракса во претходното, блиску и малку подалечно минато? Дали Владиката има уште отсега сознанија од бројачите и верификувачите, од новиот состав на ДИК, дека ќе го местат резултатот од референдумот? Владиката Агатангел едноставно сее сомнеж кај оние што го читаат, вклучувајќи го и Мицкоски.

Трето, од каде владиката Агатангел смета дека резултатите од референдумот, кој еве како „намесетен“ треба да го потврди договорот за промена на името, „ќе ја оддува Македонија и македонскиот народ“?

Ниту името Македонија ќе биде оддувано, ниту пак македонскиот народ ќе биде оддуван. Договорот помеѓу Скопје и Атина го содржи името Македонија, со географска одредница, а околу идентитетот е глупаво да се аргументира, бидејќи толку пати е потврдено, дури и од самите грчки политичари, дека македонскиот народ може да се идентификува како македонски народ, а секој човек одделно како Македонец, што го говори македонскиот јазик. Според тоа, станува збор за непримерен спин на владиката Агатангел, за заплашување на луѓето кои можеби не го прочитале или не се доволно информирани за договорот, но евентуално би биле подготвени да ја слушнат „Божјата просветленост“ на Владиката. Впрочем, во тој контекст гледано може и да се цитираат зборовите на Владиката:

Векови на страшни погроми и геноциди сме поминале, но нашите претци, бивајќи под Божја закрила, ниту се асимилирале, ниту, пак, исчезнале од историската сцена.

 

ВЕРНИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД Е СЛОБОДОМИСЛЕЧКИ, ВЛАДИКО!

 

Спин: Од мене и од сиот верен македонски православен народ во Повардарската епархија ја имате целата поддршка да оддолеете на притисокот на силните од овој свет.

 

Контраспин: Вистна е дека епархот, владиката, би требало на прсти да ја познава состојбата во својата епархија. Би требало да го знае или лесно да дојде до информации за секој човек, за секое чедо во диецезата со која управува.

Не е познато дали владиката Агатангел ги познава СИТЕ православни чеда во неговата Повардарска епархија. Но, сосема е познато дека чедата за кои се грижи се слободномислечки луѓе, кои, меѓу другото, понекогаш, одвреме-навреме своите ставови ги искажуваат на избори. Па, земајќи ги предвид претходните неколку изборни циклуси, што општи, што локални, сосема е јасно дека владиката Агатангел спинува кога му вели на Мицкоски и на јавноста во неговото писмо, дека доколку повика на бојкот на референдумот ќе ја има целосната поддршка „од сиот верен македонски православен народ во Повардарската епархија“.

* * *

Агатангел иако својот живот го посветил на Бога и на Црквата, се разбира, е и граѓанин на Република Македонија со свое гласачко право. Тој, како и секој друг граѓанин, особено ако е јавна личност, има право да изнесува јавно свои ставови околу секое прашање за кое што мисли дека е актуелно, особено ако нагласи дека неговите ставови не се ставови на Црквата, туку лични.

Но, не е во ред кога Владика, изнесувајќи ги своите ставови се служи со полувистини, извртени вистини или невистини. Дотолку повеќе што ова не му е прв пат на Агатангел. Тој активно се мешаше и во световните работи во политиката, агитирајќи за политичка партија и лидер (Груевски и ВМРО-ДПМНЕ), спротивставувајќи се и на договорот со Бугарија, дури и на сопствениот Синод, и притоа, неретко, во своите јавни настапи користеше и говор сосема близок до говорот на омраза или, пак, го глорифицираше претседателот Ѓорѓе Иванов, велејќи дека Бог го избрал и Бог го направил претседател!?

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.