Истражување на МЦМС: „Судовите, обвинителството и здравството – најкорумпирани сектори“

Презентација на Извештајот за процена на корупцијата во Македонија Фото: Вистиномер

Според Извештајот на МЦМС, тројца од од четворица граѓани сметаат дека судиите и јавните обвинители се најкорумпирани, а над 65 проценти од граѓаните ги посочиле пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и локалните лидери како најкорумпирани професии. Еден од заклучоците во Извешатојот е дека „корупцијата останува неказнива во Македонија“. Вицепремиерот Кочо Анѓушев е разочаран од ваквите резултати, неговиот прв коментар, откако ја слушна анализата за корупцијата во Македонија, беше: „Бројките покажуваат дека има голема нива за орање“

Според Извештајот на МЦМС, тројца од од четворица граѓани сметаат дека судиите и јавните обвинители се најкорумпирани, а над 65 проценти од граѓаните ги посочиле пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и локалните лидери како најкорумпирани професии. Еден од заклучоците во Извешатојот е дека „корупцијата останува неказнива во Македонија“. Вицепремиерот  Кочо Анѓушев е разочаран од ваквите резултати, неговиот прв коментар, откако ја слушна анализата за корупцијата во Македонија, беше: „Бројките покажуваат дека има голема нива за орање“

 

И покрај промената на власта се зголемува песимизмот и се намалува надежта кај граѓаните дека има можност за справување со корупцијата во Македонија. Големо мнозинство од граѓаните, дури 87 проценти, сметаат дека и во иднина ќе бидат изложени на корупција, поточно дека „ќе постои веројатност или голема веројатност за корупциски притисок“.

Ова го покажа последниот Извештај за проценката на корупцијата во Македонија во 2017 година изработен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој беше презентиран на завршната конференција на проектот „Зголемен јавен надзор над работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата“, што  се одржа денес (28.03.2018) во хотелот „Арка“ во Скопје.

Анализата на МЦМС покажува дека, споредено со 2016 годиниа, постои влошување на состојбите, односно за цели 12 проценти се зголемиле очекувањата на граѓаните од корупциски притисок. Според Извештајот, постои „широка распространетост на корупцијата“,  61,9 отсто  од испитаниците навеле дека „корупцијата е распространета меѓу службените лица“. Резултатите од теренското истражување направено на 1.001 испитаници, спроведено во периодот помеѓу 27 јануари и 7 февруари 2018 година,  покажуваат дека корупцијата е навлезена во сите професии од сите сегменти на власта: судската, извршната и законодавната. Тројца од четворица граѓани сметаат дека судиите и јавните обвинители се најкорумпирани, а над 65 проценти од граѓаните ги посочиле пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и локалните лидери како најкорумпирани професии. Гледано по сектори, како водечка тројка во Извешатојт се наведени судовите, обвинителството и здравството  како области во кои корупцијата е високо распространета.

Еден од заклучоците во Извешатојот е дека „корупцијата останува неказнива во Македонија“:

Ако се има предвид дека 31,4 проценти од испитаниците потврдиле дека биле вклучени во корупција, а тоа проектирано на население изнесува 519.727 граѓани, се доаѓа до заклучок дека се извршени минимум половина милион кривични дела од областа на корупцијата. Од друга страна, во 2016 година само 145 лица биле осудени за злоупотреба на службена должност и поткуп, што значи стапка на ефикасност на институциите  од 0,03 проценти случаи откриени и завршени со пресуда.

Според Извештаојт, во 2018 година 36,3 проценти од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, што претставува зголемување од 5,8 проценти  во споредба со 2016 година и 10 отсто повеќе во однос на 2014 година. Анализата покажала и дека младите се најтолерантни кон корупција, односно прифатливоста на корупција кај младите на возраст од 18 до 29 години е поглема споредено со повозрасните лица, што е загрижувачки.

За одбележување е и тоа што истражувањето покажува оти граѓаните многу ретко пријавуваат корупција .

Многу високи 89,9 проценти од граѓаните не пријавиле случај на корупција на некоја институција задолжена за жалби. Споредено со 2016 година  овој процент е зголемен, што укажува на влошување на довербата на граѓаните во институциите до кои би пријавиле корупција

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој присуствуваше на презентацијата на Извештајот на МЦМС беше разочаран од ваквите резултати.  Неговиот прв коментар откако ја слушна анализата за корупцијата во Македонија, беше:

Бројките покажуваат дека има голема нива за орање. 

Бројките се разочарувачки и се предизвик да се изменат. Лично ќе се заложам за тоа. Владата има најголема моќ , но не може сама, рече тој, напоменувајќи дека во битката со корупцијата особено се важни судството и обвинителството и додавајќи дека „сите институции треба да си ја вршат работата“.

Претходно, во воведниот збор Анѓушев порача дека борбата со корупцијата ќе биде беспоштедна, дека ќе има нулта толеранција за корупцијата и ги охрабри бизнисмените да не прифаќаат притисок и уцени.

Пол Едвардс, заменик шеф на мисијата во Британската амбасада во Скопје, посочи дека оваа анализа има за цел да ги расветли темните ќошиња. Изразувајќи се сликовито, тој кажа:

 Корумпираните луѓе се како мравки во темнина, затоа е важно да се расветлат.

Притоа, цитирајќи кинеска поговорка, тој порача: „направете ги тешките работи додека се лесни и големите работи додека се мали“.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.